x

10 начини да се заштитите од хакери

Категорија: Совети Објавено на 09 Април, 2017 од GSM.mk

Хакерите стануваат се поголема опасност за интернет корисниците, а во последните два месеци, неколку поголеми компании беа жртви на хакерски напади. Во истиот период се појавија информациите и за багот Heartbleed кој претставува голема опасност...

Bussines insider објави неколку едноставни совети како да ја заштитите својата приватност во онлајн просторот, без разлика дали станува збор за некоја лозинка или пак за финансиската безбедност.

Направете суперсилна лозинка

Обрнете внимание на создавањето на лозинката и погрижете се таа да е тешка за пробивање. Најдобро решение е да користите цела фраза или реченица, и да ги користите само првите букви од секој збор како основа за лозинката, а корисно е да ставите и по некоја бројка или карактер.

Користете различни лозинки за различните сервиси

Користењето на истата лозинка за повеќе сервиси, значи дека целиот ваш дигитален живот е ранлив на напади. Тоа значи дека ако хакерот дошол до една лозинка, веќе ги има лозинките и за сите останати сервиси.

Активирајте двојно логирање

Многу сервиси, меѓу кои е и Google нудат двојно логирање при пријавувањето на страниците. Со ваквиот начин, добивате код на вашиот смартфон кој мора да го внесете за да го потврдите идентитетот.

Редовно надградувајте го софтверот

Apple, Google и Microsoft редовно објавуваат надградби кои ги елиминираат пропустите во безбедноста. Затоа немојте да ги игнорирате таквите надградби.

Внимателно прочитајте што им одобрувате на апликациите

Ова е еден од начините на кои малициозните апликации доаѓаат до личните податоци. Ваквиот проблем е особено присутен во Google Play продавницата. Многу од апликациите бараат дозвола за пристап во различни сегменти од смартфонот, а дел од нив влегуваат и во приватните податоци.

Одбегнувајте ставање на преносна меморија ако не сте сигурни дека е безбедна

Ставањето на УСБ стикчиња во вашиот компјутер за кои не знаете дали се безбедни, може да доведе до пренесување на малвер на вашиот уред. Ако не сте сигурни дека нема малициозен софтвер, подобро е да не го поврзувате со персоналниот компјутер на кој ги имате сите лични податоци.

Внимавајте каде внесувате лични податоци

Кога ги внесувате личните податоци на некоја интернет страница, треба да проверите дали го има симболот на катанче во УРЛ барот. Исто така, адресата на страницата треба да почнува со https://. Ако ги нема овие елементи, тогаш таа страница не е безбедна и не би требало да внесувате лични или финансиски податоци.

Внимавајте на „phishing“ измамите

„Phishing“ измамите најчесто се во форма на и-мејл порака или интернет страница, а нивната цел е да ви ги украде податоците. Хакерите често го користат овој начин за да инсталираат малициозен софтвер на вашиот компјутер. Ваквите измами се чести и лесно се забележуваат ако знаете што барате. Најчесто имаат печатни грешки и се лошо напишани, доаѓаат од луѓе што не ги познавате, а се пласирани како да доаѓаат од голема компанија на која и верувате.

Одбегнете логирање на важни сервиси од туѓи компјутери

Понекогаш мора да се логирате од туѓ или од јавен компјутер на некои приватни сервиси. Сепак пожелно е тоа да го одбегнувате, а ако веќе мора да го направите - проверете добро дали сте се одлогирале комплетно, па дури и дали целосно сте ја избришале историјата од вашето користење.

Направете бекап на личните податоци

Важните фајлови и податоци треба да ги чувате на посебно место, или некаде во облак или пак на некој екстерен хард-диск. На тој начин, ако дел од податоците ви се компромитирани, сепак ќе имате резервна копија.

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.