x

5 интернет измами на кои сите наседнуваме

Категорија: Занимливости Објавено на 01 Август, 2018 од GSM.mk

До неодамна, секој интернет корисник се сметаше за паметен и упатен ако ги игнорираше чудните мејлови од далечните земји. За жал, разликата помеѓу измама и легитимен онлајн бизнис во последно време стана прилично заматена.

Од измами замаскирани во лажни веб страници до малвер скриен во Wi-Fi мрежи, постојат интернет измами на кои понекогаш наседнуваат и најпаметните корисници.

Лажен мејл од друштвена мрежа

Оваа типична метода на фишинг доаѓа во облик на лажен мејл кој изгледа како да дошол навистина од некоја друштвена мрежа, на пример од Facebook, а најчесто ве предупредува дека некој се обидел да пристапи до вашиот профил, па морате да се најавите за да го потврдите вашиот идентитет. Доколку кликнете на линкот во мејлот, ќе ве однесе до лажна веб страница која изгледа идентично како вистинската. Доколку се најавите таму, вашите податоци ќе стигнат до измамниците и ќе им овозможите пристап до вашиот профил.

Како да го избегнете ова?

Не кликајте на линкови во мејл пораки. Активирајте и двостепена проверка на вашиот профил во случај некој да се логира од непознат компјутер.

Неочекуван атачмент во мејл порака

Измамниците кои веќе украле податоци од профилот на друштвените мрежи на некој од вашите пријатели или од електронската пошта, потоа праќаат лажни мејлови на сите негови контакти. Овие мејлови имаат атачмент или линк до лажна страница и бараат од вас да ја симнете датотеката. Доколку го направите ова, на компјутерот ќе добиете деструктивен малвер кој ќе ги заклучи сите ваши датотеки и ќе бара откуп.

Како да го избегнете ова?

Доколку добиете сомнителен атачмент или линк, не ги кликајте. Наместо тоа, по друг канал за комуникација, кажете му на вашиот контакт што сте добиле од него.

Неочекувана покана за пријателство

Со оваа метода, изманиците прават лажен дупликат профил на ваш пријател и потоа ве додаваат за пријател. Откако ќе ја прифатите поканата, го користат ова за да дознаат што повеќе имиња на ваши пријатели, роднини, вашиот роденден и слични податоци, за да ги искористат за да одговорат на тајни прашања за ресетирање на лозинки и пристап до други ваши профили.

Како да го избегнете ова?

Не прифаќајте покани за пријателство од луѓе кои не ги познавате. Што и да правите, не давајте информации кои можат да се искористат за пристап до друг кориснички профил.

Бесплатна Wi-Fi мрежа

Оваа измама функционира на едноставен начин. Измамниците со помош на лаптоп поставуваат бесплатна Wi-Fi мрежа во кафуле или на аеродром. Откако ќе се поврзете на оваа мрежа, измамникот има пристап до вашиот компјутер и може да ви украде лични и финансиски податоци.

Како да го избегнете ова?

Во подесувањата на вашиот компјутер и телефон, исклучете го автоматското поврзување на отворени Wi-Fi мрежи и вклучете ја опцијата “Ask to join networks”. Доколку сакате да се поврзете со Wi-Fi мрежа во кафуле, пред да се поврзете на неа прашајте ги вработените за името на мрежата. Исто така, додека сте на овие мрежи, не вршете никакви финансиски трансакции.

Поп-ап скервер

Сите се имаме сретнато со ова: сурфаме на нет и одеднаш на екранот ни се појавува предупредување дека компјутерот ни е инфициран со вируси и црви. За да ги отстраниме, потребно е да стартуваме лажна програма која бии ги исчистила. Проблемот е во тоа што токму таа програма функционира како стапица за извлекување на податоци за кредитни картички. За да ги избришете вирусите, програма од вас бара мала надокнада, но всушност во себе содржи опасен малвер со кој измамниците ги крадат ваите податоци и преземаат контрола врз вашиот компјутер.

Како да го избегнете ова?

Не кликајте на ваквите поп-ап предупредувања за вируси. Инсталирајте проверен, робусен антивирус кој сите го препорачуваат и редовно надградувајте го.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.