x

7 важни совети при купување нов телефон!

Категорија: Совети Објавено на 18 Април, 2017 од GSM.mk

Нов телефон не се купува на брзање. Размислете, информирајте се за секој модел, а ние ви составивме практичен водич за лесно да изберете модел со кој ќе бидете задоволни подолг период.

Купувањето мобилен телефон воопшто не е лесна одлука, посебно затоа што на располагање ни се три платформи и илјадници модели. Кога станува збор за iPhone, тука нема многу избор, разликата е само во генерациите, а се разбира дека најдобра е најновата. Но, кај Android и Windows Phone разликите помеѓу моделите и нивните перформанси се значителни.

Покрај неколку категории кои ќе ги опишеме одделно, заедничко за сите платформи е - дефинирајте го вашиот буџет, бидејќи колку пари, толку музика. Следен чекор е изборот на производител, а потоа изборот на модел.

Кога ќе дојдете до изборот на модел, обрнете внимание на следново:

Дисплеј

- RAM
- Процесор (евентуално графика, ако сакате игри)
- Верзија на софтвер (важно за Android)
- Kвалитет на изработка
- Камера
- Гаранција
Почнуваме по обратен редослед, онака како што сметаме дека е најважно:

Гаранција

Доколку купувате нов уред мора да добиете двегодишна гаранција, а некои производители нудат премиум и дури и тригодишна гаранција. Убаво е да се знае дека сте заштитени ако работите тргнат наопаку и се случи дефект.

Камера

Што повеќе мегапиксели не значи и што подобра фотографија, па мегапикселите не се ѕвезда водилка, туку техничките спецификации, односноотворот на блендата, количината на светлина која ја добива сензорот, големината на сензорот, како и оптичката стабилизација. Информирајте се на интернет за спецификациите на камерата пред да отидете во продавница.

Квалитет на изработка

Сите внимаваме на своите мобилни уреди, некој помалку, некој повеќе, но факт е дека тие со тек на времето ќе преживеат сè и сешто. Одберете телефон од квалитетни материјали, со куќиште кое не лизга од раце. Ако сте немилосрден корисник или имате специфична професија на терен, во денешно време постојат и многу модели кои се отпорни на удари, вода и прашина.

Верзија на софтвер

За Windows Phone ова не е толку битно, бидејќи сите модели кога-тогаш ја добиваат најновата верзија на софтверот или некој „feature pack”. Но, ова е важно кај Android уредите - секогаш бирајте модел со најновата верзија на софтвер, посебно доколку купувате модел од помалку познат производител за кој не се знае дали воопшто ќе добие било каква надградба.

Процесор

Не одете под четиријадрен Qualcomm Snapdragon 200/400 или неговите конкуренти од ист ранг, со најмалку 1.2 GHz.

RAM  

Во Windows Phone сегментот одете на барем еден гигабајт, бидејќи тогаш сигурно ќе работат сите достапни апликации, а кај Android важи правилото - што повеќе, тоа подобро. Долната граница нека биде исто 1 GВ.

Дисплеј

Тоа во што ќе гледате мнпгу пати во денот нека не биде ништо под IPS и понови матрици од овој тип. Исто така, погрижете се дисплејот да има некаква заштита од гребење (Gorilla Glass, Dragon Trail…), а резолуцијата нека биде по можност 1.280 х 720 пиксели.

Еј, а батеријата? Се разбира, важна е и батеријата, но ако е лоша за неа постои лек како на пример преносна батерија (power tank).

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.