x

Microsoft Surface

Категорија: Рецензии // Таблети Објавено на 08 Декември, 2012 од Христијан Илиески

Првиот таблет на Microsoft со ARM процесор доби доста позитивни критики, но сепак има и доста негативности кои не го прават совршен

Microsoft Surface беше најавен во Јуни оваа година, а за прв пат беше претставен на 26 октомври. На пазарот добивме 10,6 инчен таблет кој работи на Windows 8 RT верзијата. Ова е исто така недостаток на таблетот, а недостатоците на оваа верзија на Microsoft Windows можете да ги видите на следниов линк: Недостатоци и доблести на „Windows 8 RT“ верзијата 


Дизајн и изработка

Како што кажавме, добиваме 10,6 инчен таблет со димензии 27,64 х 17,2 х 0,94 cm и тежина од 680 грама. Можеби не е најлесниот таблет со овие димензии, но сепак има одлична изработка и кога го држиме во рака добиваме убаво чувство.

На левата страна таблетот има копче за контрола на гласноста и стандарден 3,5 mm аудио приклучок. На горната страна се наоѓа копчето за вклучување на таблетот, на десната страна имаме mini-HDMI приклучок и стандардна USB 2.0 порта. На долниот дел од таблетот имаме магнетен конектор за поврзување на тастатурата која се наплаќа дополнително.

Тастатурата се поврзува со таблетот многу лесно и копчињата се на допир. Сепак оваа тастатура воопшто не е удобна, со оглед на тоа што рацете несмее да ви стојат потпрени на неа бидејќи нормално, ќе ги стискате копчињата. Исто така при куцањето воопшто немате осет и се прават многу грешки.

Конекторот за напојување на таблетот е исто така магнетен и многу лесно се погодува, особено е од помош кога во намалена светлина треба да го вклучите на полнење. Таблетот е убаво изработен, од посебни материјали како што е магнезиумот и убаво лежи на рака, но сепак не нуди ништо спектакуларно, особено не за таа цена.


Екран

Нема што многу да се зборува околу екранот на овој таблет, има задоволувачки квалитет, како што кажавме екранот е со големина од  10,6 инчи и со резолуција од 1366 х 768 пиксели, што не е Full HD, но сепак е доволно идеален за гледање филмови.

Густината на пикселите е 148 пиксели на еден инч, значително помалку од ретината на iPad која изнесува 264 пиксели на еден инч или на Nexus 7 таблетот, 215. Ова значи дека екранот нема кристално чиста слика, но сепак Microsoft доволно го оптимизирал, така што текстот е доста чист.


Хардвер

Таблетот работи на 1,3 GHz процесор и истиот е сосема моќен да се справи со сите апликации. Surface има MicroSD слот за мемориска картичка кој овозможува да го зголемите просторот дури до 128 GB. WiFi верзијата на таблетот доаѓа во две верзии, 32 и 64 GB.

Голема предност на таблетот е USB 2.0 стандардната порта, која на секого, кога - тогаш му притребува.


Софтвер

Како што кажавме, на Surface има инсталирано Windows 8 RT оперативен систем кој има доста интересни функции и одлично може да комуницира со Вашиот Desktop Windows компјутер.

За жал можеме да инсталираме апликации само од Windows маркетот, бидејки оваа верзија на Surface со ARM може да работи само со RT верзијата на Windows 8. Исто така имаме доста недостатоци, на пример доколку се обидеме да работиме со некој документ без прикачена тастатура, нема да ни се појави тастатурата се додека не отидеме во опции и не ја вклучиме. 

Немаме индикатор за батеријата во старт менито, тоа исто така можеме да го наброиме како недостаток во софтверскиот дел на таблетот.


Камера

Таблетот има две камери од по еден мегапиксел, предна и задна. Нема блиц, а фотографиите кои излегуваат од таблетот не се импресионирачки. Опциите на камерата исто не се многу на број, односно има само опција за промена на камерата, бирање резолуција, и опција за снимање. Microsoft воопшто не вложиле труд во камерата на овој уред.


Батерија

Батеријата кај Surface e сосема задоволувачка и немаме некои критики околу неа. При активна употреба на таблетот батеријата трае околу 8 часа. Практично доколуку не му ја вадите душата на таблетот, односно го користите за Facebook, Skype и слично ќе немате потреба да ја полните батеријата и по 2 дена.


Поврзување

Таблетот ги подржува следните поврзувања:

- USB 2.0

- mini-HDMI

- Wi-Fi 802.11 a/b/g/n стандарди


Предности

Како предности на овој таблет би ги набројале трајноста на батеријата, квалитетната изработка, поседувањето на доста богат оперативен систем. Неможеме да кажеме дека таблетот е лош, исполнува доволно критериуми за да влезе во конкуренција на пазарот.


Недостатоци

Тастатурата на таблетот е убедливо најголемиот недостаток, камерата би требало да има барем малку поголема резолуција, а исто така голем недостаток е и цената.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.