x

Антисоцијална мрежа која поттикнува офлајн креативност

Категорија: Занимливости Објавено на 18 Мај, 2019 од GSM.mk

Поимот „социјална мрежа“ во голема мера ја изгуби смислата – наместо да биде место за поврзување со пријателите, платформите како Facebook и Instagram станаа полигон за самопофалба и асоцијализирање.

На интернет инфлуенсерите воопшто не им е гајле за следачите и пријателите, туку за парите и останатите материјални бенефити кои ги добиваат благодарение на популарноста на нивните профили. Ваквиот пристап кон социјалните мрежи предизвикува голем дел од нивните корисници да го занемарат вистинскиот живот, кој поминува покрај нив додека тие се фокусирани на екраните и лајковите.

Меѓутоа, една социјална мрежа се издвојува од останатите по начинот на користење. Се работи за Pinterest, која нејзиниот основач Бен Силберман ја нарекува „еден вид антидруштвена мрежа“, поради тоа што значително се разликува од конкурентите.

Бен Силберман

Pinterest е мрежа на која корисниците објавуваат фотографии, инфографици и слични објави. Поентата на мрежата е, како што вели Силберман, да ги инспирира другите да бидат креативни. Корисниците оваа креативност не ја изразуваат онлајн, туку офлајн, во нивниот вистински живот. На пример, на Pinterest ќе најдат рецепт или некоја рачна изработка, можеби идеја за уредување на домот или пак дизајн на фустан.

Главниот фокус на Pinterest е ставен на корисникот и неговите лични интереси, па така на оваа мрежа не постојат инфлуенсери кои брендовите ги плаќаат за промоција на нивните производи и услуги. Исто така, бројката на следачи не е важна, бидејќи Pinterest ионака нема значење како алат за себепромоција.

Pinterest е основан во 2010 година, а минатата година ја надмина бројката од 250 милиони редовни корисници. Тоа е голема бројка, но сепак незначително мала во однос на Facebook, кој го користат преку 2,3 милијарди корисници.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.