x

Доаѓаат големи промени во iOS 16

Категорија: Софтвер // iOS Објавено на 20 Мај, 2022 од GSM.mk

Конференцијата на Apple за програмери WWDC 2022 е за три недели, а на неа очекуваме американската компанија да претстави многу интересни работи.

Меѓу нив ќе биде и iOS 16, нова верзија на оперативниот систем за iPhone. Сега доаѓаат нови информации за iOS 16.

Какви промени ќе донесе?

Веќе слушнавме дека iOS 16 би можел да донесе нов систем за известување, додека опцијата Focus ќе биде значително подобрена. Новиот извештај сега пренесува уште повеќе детали за iOS 16 и промените што доаѓаат со него.

Информациите говорат дека iOS 16 ќе има некои нови апликации на Apple, но ќе донесе и големи промени во системот. Познатиот аналитичар Марк Гурман, меѓу другото, изјави дека не очекува Apple да претстави целосен редизајн на корисничкиот интерфејс, па во таа смисла можеме да очекуваме дека визуелно iOS 16 нема значително да се разликува од iOS 15. Сепак, тој очекува големи промени во целиот систем и дека ќе има нови апликации на Apple.

Системските промени веројатно ќе се одразат на новите интерактивни виџети, што е нешто со кое Apple веќе доста доцни, но наводно ќе има уште новитети, за кои засега не ги знаеме деталите.

Покрај системските промени, Гурман напоменува дека Apple би можел да додаде нови апликации на iOS 16. Така, една од потенцијалните нови апликации што би можеле да ги видиме на iOS 16 е Apple Music Classical. Трагите од оваа апликација се откриени во верзијата iOS 15.5. За жал, освен оваа апликација, засега не е познато какви други апликации планира американската компанија во најновата верзија на iOS.

Дополнително на оваа информација, Гурман рече дека следната верзија на оперативниот систем за паметни часовници watchOS 9 исто така ќе понуди значителни промени, но не откри повеќе детали.



Извор: Кајгана.мк

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.