x

Едноставни правила: Вашите деца и социјалните мрежи

Категорија: Совети Објавено на 05 Август, 2017 од GSM.mk

Средствата за комуникација помеѓу децата претрпеа значителни промени во изминатите 10 години. Телефонските повици и средбите во живо стануваат сè поретки, но затоа тие се во постојан контакт со своите пријатели преку социјалните медиуми.

На возраст од 11 до 14 години (и во зависност од актуелните тинејџерски трендови) бидете сигурни дека вашиот син или ќерка ќе посака да отвори сопствен профил на Facebook, Instagram, Snapchat или некоја од останатите популарни мрежи, а информациите кои тие ќе ги споделат на интернет во најголема мера зависат од насоките (правилата) кои ќе ги добијат од своите родители.

Забраната за користење е бескорисна

Некои родители сметаат дека постои „волшебна“ возрасна граница која треба да се помине пред да им дозволат на своите деца да се регистрираат на социјалните медиуми. Обидот да им забраните да се регистрираат пред да наполнат, на пример 16 години, секако ќе биде залуден затоа што тинејџерите сакаат да се вклопат во нивното друштво. Ако сте одлучни да им забраните да ги користат социјалните мрежи, тие сепак ќе го сторат тоа – но, зад вашиот грб. Значи, оваа тактика веднаш пропаѓа во вода.

Преголем број на уреди

Ако сметате дека може да ја надгледувате нивната активност со тоа што ќе го поставите вашиот компјутер во дневната соба, тогаш сигурно заборавате на паметните телефони, таблетите, компјутерите во училиште, телевизорите, компјутерите кај нивните пријатели итн. Сите овие уреди може да се искористат за комуникација на интернет.

Паметните телефони се секогаш прв избор на децата. Земете го ова во предвид при поставување на правилата.

Лична безбедност

Кога комуницираме преку паметен телефон или компјутер лесно е да се заборави дека на „другата страна“ постојат милијарда луѓе кои се исто така поврзани на мрежата и само на неколку кликови од вас. Точно толку оддалечени се и од вашето дете, кое може да побуди интерес кај различни типови на измамници, интернет тролови и педофили.

Со цел да се заштитиме од овие закани, потребно е да ги научиме основните правила за безбедност на интернет – кои се подеднакво важни како и сообраќајните правила во реалниот свет. А правилата се прилично едноставни: никогаш не го давајте вашето вистинско име на никого, не го откривајте вашето училиште, адресата на живеење и најважното – секогаш известете ги вашите родители за сите разговори или останати теми кои ве загрижуваат.

Фотографиите и видеата исто така претставуваат голема причина за загриженост. Со нив треба да бидеме особено внимателни, затоа што преку сликите и видео материјалот може да се дознае многу и истите (ако се направени со паметен телефон) ја содржат локацијата на местото каде што се направени. Осигурајте се дека опцијата за гео-тагирање на фотографиите на паметниот телефон на вашето дете е исклучена, со цел да ги поштедите од сите потенцијални непријатности кои може да настанат.

Најважното правило

Најголемата грешка која ја прават децата, но и родителите, е тоа што сметаат дека „интернетот е само еден вид на игра“. И навистина е лесно да се добие тој впечаток, особено кога пред вас не постои личност која може да ви одговори со вистински гестикулации и интонација, па затоа често пати се случува да откриеме премногу лични информации.

Втората сериозна грешка е тоа што корисниците на социјални мрежи најчесто не разбираат дека споделените информации не остануваат само кај луѓето со кои сме ги споделиле, туку може да се прочитаат и пренесат од многу други личности. Ова е всушност една од најбитните работи кои мора да им ги објасните на вашите тинејџери, потенцирајќи им дека на интернет никогаш не треба да пишуваат работи кои не би ги кажале јавно во нечие лице, пред целиот клас во училиште. Само луѓе кои ја разбираат сериозноста на ова правило (без разлика дали станува збор за тинејџери или возрасни) се подготвени да ги користат социјалните мрежи.

Со цел да ги поедноставите работите и да им овозможите полесно да го запомнат ова правило, може да го поделите на два дела:

1) пишувај повнимателно отколку што збориш; и

2) секој збор напишан на интернет може да предизвика последици.

„Никогаш не пишувај работи на интернет кои не би ги кажал јавно во нечие лице, пред цел клас во училиште“.

Договорете се за условите за користење

Дури и доколку сте сигурни дека вашето дете ги разбира сите правила, сепак, како родител ќе посакате да се осигурате дека работите се одвиваат глатко. Контролата никогаш не ја правете тајно и зад нивниот грб, туку користете алатки кои се наменети за тоа – како Kaspersky Safe Kids.

Секогаш е подобро да се договорите со вашето дете за тоа како ќе се одвива надгледувањето на активностите. Прашајте го дали има проблем со тоа вие да имате пристап до неговиот профил и дали може да го додадете за „пријател“ на социјалните мрежи. Дајте му до знаење дека за негова безбедност може повремено да вршите контрола на неговите активности.

Објаснете му дека понекогаш може и да го исклучите пристапот до интернет или да побарате да ви ги „предаде“ мобилните уреди (телефон, таблет и тн.) додека не ја направи домашната задача. Секако, ова не значи дека е потребно да практикувате строгост во секоја прилика, туку да му ги објасните „мерките“ во случај на неодговорно користење на интернетот и социјалните мрежи.

Правете ги работите заедно

Не сугерираме во секој момент да им „висите над глава“ на вашите деца, туку да го одржите контактот со нив правејќи некои работи заеднички. На пример, помогнете им околу креирање на нивниот личен Facebook профил и поминете ги заеднички сите поставки за безбедност и приватност. Прочитајте ги заедно сите битни правила на социјалната мрежа на која се регистрираат, како на пример, дека фотографиите на Snapchat всушност никогаш нема да се избришат сами од себе или дека според контекстуалните реклами може да откриете што вашето дете пребарувало на Google.

(резултати од испитувањето на Kaspersky за тоа како децата го поминуваат времето на интернет и кои тајни најчесто ги чуваат од своите родители)

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.