x

Ексклузивна рецензија: Galaxy S6, најдобриот телефон на светот?

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 10 Мај, 2015 од GSM.mk

Samsung неодамна го претстави својот нови адут за доминација на пазарот, кој го носи името Galaxy S6. Да погледнеме дали овој телефон навистина е најдобриот на пазарот...

Благодарение на дечките од Ледиком, имавме можност да ги тестираме и двата нови модели - стандардниот Galaxy S6, како и неговиот уникатен брат, Galaxy S6 Edge. Засега ќе ги споделиме нашите импресии од основниот модел, а потоа ќе му посветиме посебна рецензија на Edge моделот.

Да започнеме!

Дизајн

Уште од вашиот прв контакт со овој модел, знаете дека станува збор за нешто посебно. Samsung долго време беше критикуван дека користи „ефтина“ пластика во дизајнот на своите модели, но корејскиот гигант реши да го возврати ударот и да одговори со изработка од алуминиум и стакло. 

Новиот Galaxy S6 е изработен од метална (алуминиумска) рамка која дава премиум чуство, но исто така и поголема цврстина на телефонот, додека пак задниот дел е изработен од Gorilla Glass 4 стакло. Телефонот изгледа преубаво, а исто така е екстремно компактен и удобен за држење - дефинитивно еден од најубавите модели во светот!

На предната страна се наоѓа 5,1 инчен QuadHD екран на допир со резолуција од 2560 x 1440 пиксели, како и Super AMOLED технологија. Заборавете на техничките спецификации, ова е еден од најдобрите екрани кои ќе ги видите на мобилен уред. Боите и контрастите се одлични, текстот е прегледен и гледањето на филмови е вистинско задоволство. Секако, моќниот екран бара и моќен хардвер...

Перформанси

Galaxy S6 учи од грешките на LG (со својот G3 модел), со што се имплементирани најдобрите хардверски компоненти на пазарот. Спецификациите велат дека добиваме octa-core Exynos 7420 процесор со 64-битна архитектура во производство на Samsung, кој според првичните бенчмаркови е побрз од останатите модели (на пример Snapdragon 810) и до 20%. 

Ова е надополнето со 3GB LPDDR4 RAM меморија (најбрзата на пазарот) и простор за складирање на податоци од високи 32 гигабајти. Единствената негативност која ја најдовме е немањето можност да го прошириме просторот на телефонот со помош на MicroSD картичка.

Целосни спецификации на Galaxy S6

Штo значат овие бројки во реалниот живот? Засега не постои ситуација каде што Galaxy S6 би се прикажал недоволно моќен за било која апликација или предизвик, а корисничкото искуство преку новиот TouchWiz интерфејс е брзо и едноставно. Samsung конечно научи од своите грешки и имплементираше кратки анимации, не го натрупа оперативниот систем со непотребни функции и додатоци и резултатот е оптимизирана работа на телефонот со пристап до најважните алатки како анти-вирус, S Health и слични апликации.

Посебен дел би и посветиле на батеријата, која можеби е со помал капацитет од што очекувавме (вината е во нас, го „чепкавме“ телефонот по цел ден), но затоа QuickCharge и Wireless Charge опциите се огромна предност наспроти својот најголем конкурент, популарниот iPhone 6.

Камера

Би направиле едно предвидување дека наскоро завршува ерата на дигиталните фото-апарати, барем на оние за користење на дневна база. Со помош на предната и задната камера на Galaxy S6, можете да направиме импресивни фотографии дури и без да ги сетирате параметрите. Телефонот поседува задна камера со резолуција од 16 мегапиксели со f/1.9 леќа и оптичка стабилизација на сликата, со што е одлична за сликање и во услови на слабо осветлување.

Камерата е надополнета со одличниот софтвер, кој ви помага лесно да ја направите перфектната фотографија. Резултатот се слики кои нема да забележите дека се од мобилен телефон и со кои гордо можете да се фалите на Facebook. :)

Предната камера е со резолуција од 5 мегапиксели и поседува широко-аголна леќа од 120 степени (наместо стандардните 90 степени) и HDR во реално време, со што можете да правите групни #selfie фотографии без проблем.

Заклучок

Доколку размислувате да купите нов телефон и го сакате најдоброто на пазарот, тогаш дефинитивно Galaxy S6 треба да биде на врвот на вашата листа. Без разлика дали станува збор за дизајнот, екранот, перформансите, камерата или било кој друг аспект, бидете сигурни дека овој телефон е опремен само со најдобрите компоненти.

Тестираниот модел е достапен во Ледиком по цена од 37,490 денари со едногодишна гаранција.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.