x

Ексклузивна рецензија: iPad Pro, најдобриот таблет на светот?

Категорија: Рецензии // Таблети Објавено на 08 Јануари, 2016 од GSM.mk

Во светот на таблет уредите, без разлика колку останатите се трудат, секогаш на првото место е Apple и таблетот со кој всушност ја создадоа цела индустрија - iPad. Веќе добивме iPad Mini со 7,9 инчен екран, но минатата година се запознавме и со iPad Pro...

Огромниот таблет на Apple ги подели мислењата на луѓето - дали има потреба од волкаво чудовиште и дали воопшто има некаква корист? Благодарение на дечките од Ледиком, време е да дознаеме!

Дизајн

Првата средба со iPad Pro е навистина интересна. Пред вас се наоѓа таблет со огромен екран од 12,9 инчи (еден од најголемите таблети на светот), при што ќе си помислите „како ли ќе го држам во раце?“, но...

Кога станува збор за Apple производ, не се важни спецификациите кои ги читате на GSMArena, туку е важно како уредот се однесува во вашите раце. Фановите на Apple велат дека има нешто посебно во секој уред на компанијата, а во случајот на iPad Pro, ќе мораме да се согласиме. Покрај големината, станува збор за екстремно тенок (само 6,9 милиметри, потенок од iPhone 6 Plus) и екстремно лесен уред (713 грама), што значи дека користењето во раце е лесна и пријатна задача.

Екранот е со резолуција од 2732 x 2048 пиксели, односно поседува вкупно 5,6 милиони пиксели, IPS технологија и можност за менување на refresh rate помеѓу 30 и 60 херци. Apple тврди, а и ние се согласуваме, дека ова е еден од најубавите екрани досега произведени, со прецизни бои и контрасти, како и силно позадинско осветлување кое е екстремно важно за користење на сонце.

Финално, поголемиот iPad добива четири стерео звучници вградени на аглите од уредот - со што е екстремно гласен и во комбинација со големиот екран - одличен за гледање на филмови, серии и YouTube.

Перформанси

Apple го рекламира ова како најмоќниот iOS уред досега и дефинитивно се во право - моќниот A9X процесор (подобра верзија од стандардниот A9 кој е вграден во iPhone 6s) во комбинација со 4GB RAM е екстремно брз и подготвен за најзахтевните задачи, вклучувајќи и едитирање на 4K видео во реално време, кое е снимено со iPhone. 

Мора да потенцираме дека iOS отсекогаш бил оптимизиран и брз оперативен систем, но новиот процесор и зголемениот RAM овозможуваат флуиден мултитаскинг, односно работење на две апликации истовремено, што е лесно со оглед на поголемиот екран. Дополнително, за перформансите се грижи Metal, софтверска оптимизација која ги набљудува и подесува процесорот и графичката за максимум перформанси во секоја апликација.

На задната страна добиваме 8 мегапикселна iSight камера од претходната генерација на телефони (iPhone 6); кај која најголемиот недостаток е можноста да снима 4K видеа. Тука се и стандардните скенер на отпечатоци, акцелерометар, како и поддршка за Bluetooth и најновиот Wi-Fi стандард. 

Меморијата е зголемена од 16GB на 32GB, што е всушност потребно кога станува збор за уред кој би го користеле во бизнис светот.

Користење

Наместо со заклучок, да завршиме со најголемото прашање за iPad Pro - Дали воопшто ви треба?

Во нашиот случај, Pro верзијата поретко беше користена за професионална намена, иако дел од оваа рецензија е искуцана токму на него, со што можеме да кажеме дека тестатурата е со одлична големина и веројатно би куцале со брзина од околу 70-80% од нормалното, што е за пофалба. Потоа, iPad Pro си најде намена при едитирање на видеа и останати документи, нешто кое на нашиот лаптоп (стар 3 години) е помачно и уште поважно, подосадно за правење.

Гледањето на видеа беше уште едно нешто кое почесто го правевме на iPad Pro отколку на десктоп компјутер или iPhone, додека пак скролањето на Facebook или Instagram е дефинитивно подобро, но за жал не можете да го користите баш во кревет. :)

Секако, iPad Pro сеуште не е замена за класичен лап-топ, ниту пак за класичен таблет. Но, она што треба го прави подобро од лаптоп и подобро од таблет, со што неговата цена од 51,990 денари во Ледиком би рекле дека е оправдана.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.