x

Ексклузивна рецензија: Xiaomi Redmi Note Pro, најдобрата вредност за вашите пари?

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 01 Декември, 2014 од GSM.mk

Овој викенд имавме прилика да добиеме еден модел од се повеќе популарната фирма Xiaomi. Станува збор за уредот Redmi Note Pro, кој ви нуди навистина интересни можност и корисничко искуство какво што не сте виделе досега...

Да започнеме со очигледното нешто - Xiaomi е кинеска компанија, така што многу лесно може да помислите дека станува збор за неквалитетен телефон или некоја копија. За жал, ова е стереотипот со кој се соочува Xiaomi на нашиот пазар, иако во светски рамки има репутација како „кинескиот Apple“. 

Време е да видиме дали оваа репутација е заслужена и дали Redmi Note Pro е уред кој вреди да издвоите 13,900 денари за него.

Дизајн и екран

Овој модел на Xiaomi ќе ве изненади уште веднаш штом ја отворите кутијата. На предната страна се наоѓа огромен 5,5 инчен екран со HD резолуција (1280 x 720 пиксели) и 3 touch копчиња кој се одлично интегрирани во целокупниот дизајн. Бидејќи станува збор за уред кој се фокусира на цената, задната страна е изработена од пластика и го нема она премиум чуство кое би го добиле кај iPhone 6 или Galaxy Note 4, но ова е оправдано со оглед на ценовната разлика. Уредот е прилично тенок со 9,4 милиметри, иако нема да можете да работите на 5,5 инчен екран со една рака. 

Споредба на големина со LG G2 (5,2 инчен екран)

Пред да го тестираме моделот, бевме скептични за екранот бидејќи е огромен со 5,5 инчи, но има „само“ HD резолуција. Оваа резолуција е сосема доволна за гледање на HD видеа (како што се 90% од оние на YouTube), сурфање или секојдневно користење на телефонот, а единствениот пат кога ќе почуствувате потреба за FullHD е при гејминг (повеќе детали подолу).

Позитивната страна на екранот е IPS технологијата, која ви овозможува широки агли на гледање и одлична видливост при силно сонце. Боите и контрастите се импресивни, а често го споредувавме со iPhone во овој аспект, што е дефинитивно комплимент.

Перформанси

Во внатрешноста се наоѓа quad-core Snapdragon 400 процесор кој работи на 1,6GHz, а е надополнет со 2GB RAM и Adreno 305 графички процесор. Ова се далеку од спецификациите на најдобрите уреди на пазарот, но мора да напоменеме дека Redmi Note Pro воопшто не пробува да се натпреварува со нив.

Целосни спецификации на Redmi Note Pro

Вградените хардверски компоненти ви се доволни за секојдневно користење на телефонот, а „послабите“ перформанси единствено би ги забележиле во интензивни графички игри како Modern Combat 4 или пак Asphalt 8. Дури при овие игри се гледа потребата за FullHD екран (изабени рабови) и помоќен процесор, но во останатите аспекти на нормално користење Note Pro се покажа одлично, а ова се должи на следниот дел од рецензијата.

Немавме доволно време за да правиме тестови врз батеријата, но од нашето интензивно користење на уредот во текот на еден ден, на крајот батеријата беше околу 40% - што значи дека со нормално користење би требало уредот да го полните на секои 2-3 дена. Ова воопшто не е изненадувачки, со оглед на тоа што Xiaomi успеале да стават батерија од 3,100 милиампер часови во Redmi Note Pro.

MIUI 6 (софтвер)

Една од главните предности на iPhone уредите пред оние со Android е оптимизацијата на оперативниот систем. Честопати имаме пишувано статии како iPhone со 1GB RAM е далеку поефективен од Android со 3GB RAM, а Xiaomi очигледно дека си ја сфатил лекцијата - резултатот е MIUI 6. Целта на MIUI е да се „редефинира Android“, а станува збор за посебен интерфејс (повеќе би рекле како мини-оперативен систем) кој се наоѓа врз Android 4.4.4.

Како што ќе забележите на фотографиите, MIUI 6 е инспириран од iOS 8 на Apple, дизајнерски, но и од аспект на перформансите. Xiaomi сака да ви понуди нешто што е целосно дизајнирано за вашиот телефон, така што ако сте фанови на iOS 8, тогаш ова е Android телефонот за вас!

Да започнеме од почеток - наместо вградено мени, добивате Homescreen со повеќе апликации, што е промена од стандардниот Android формат, но е дефинитивно подобрување. Понатаму, сите менија (на пример Settings, нотификации) изгледаат скоро идентично како iOS 8, односно го имаат „украдено“ оној чист интерфејс со јасен текст, големи икони и организација на екранот. Реалноста е дека iOS 8 е одлично дизајниран систем, а Xiaomi дефинитивно ги има превземено најдобрите елементи од него.

(Сликано со LG G2, причина за лошиот квалитет)

Освен изгледот, MIUI 6 ви нуди и други подобрувања над обичната верзија на Android. Како прво, добивате веднаш пристап до developer options и за разлика од другите производители, овде сите вградени функции ќе ги користите. Една од апликациите која најмногу ни се допадна е Security делот, каде што добивате вграден cleaner, блок-листа, оптимизации за батеријата, анти-вирус и голем број на други функции. 

Ова е надополнето со виџети кои ви овозможуваат брзо и лесно да ослободите RAM меморија и слични алатки.

Постојат и други трикови - на пример, камерата има „скенер на возраст“ кој ќе ви каже колку години имате или пак постои посебна „продавница“ за теми и апликации од Xiaomi, иако е целосно на кинески јазик. 

Сите вградени апликации се дефинитивно подобрување над Android 4.4, па овој телефон е погоден доколку сакате Android уред што е одлично оптимизиран, ги има сите функции и апликации што ги сакате (без ѓубрето што го вградуваат други производители) и воедно ги комбинира отвореноста и слободата на Android со оптимизираноста и одличниот изглед на iOS 8.

Камера

Последниот дел го оставивме за камерата, односно камерите - 13 мегапикселната задна камера со LED блиц и 5 мегапикселната предна #selfie камера. Стандардно, камерата прави одлични слики при денска светлина, но нас не интересираше како ќе се покаже во оние „потешките“ услови. 

Ноќните фотки се за жал заматени, а ова е претежно поради недостатокот на оптичка стабилизација на сликата.

Она што е интересно кај камерата е што постои целосен мануелен мод, каде што добивате контрола врз exposure и white balance, со што можете да направите корекции во моментот и да ја добиете сликата која ја посакувате. Во нашиот случај, успеавме со помош на корекција на ISO-то да направиме далеку подобра и пореалистична фотографија.

Камерата одлично се покажа во нашиот „екстремен тест“ - сликање на макро фотографија со блиц. Времето на фокусирање е прилично брзо, но сепак е правилно и фотографијата има одлични детали и само мало „горење“ од блицот на предната страна.

За овие „проблеми“ постојат голем број на сетинзи и функции кои се решени на MIUI начин (на пример, со држење на било кој дел од екранот додека сликате, се отвара дел за осветлување на сликата), но дури и доколку не сакате мануелна контрола, сепак ве очекуваат квалитетни слики.

Предната камера не е широко-аголна (за групни #selfie фотки), но ви нуди доволен квалитет за постирање на слики на Facebook. Резолуцијата од 5 мегапиксели не е целосно искористена, но затоа е подобра од останатите во ценовниот ранг - на пример Galaxy S4 Mini или ужасната предна камера на LG G2. 

Снимањето на видео е исто така одлично - сензорот дава доволна светлина, имате можност за видеа во FullHD и да фокусирате додека снимате со допирање на екранот.

Заклучок

Телефоните на Xiaomi се барани низ целиот свет и бележат рекордни продажби (по 40,000 единици за само 15 секунди) поради комбинацијата од ниска цена и врвни перформанси. Нашето прво искуство со Xiaomi телефон е екстремно позитивно и само со мали замерки околу дизајнот (пластично куќиште) и квалитетот на камерата во ноќни услови.

За цена од 13,900 денари, ретко ќе најдете подобар телефон на пазарот, бидејќи добивате 5,5 инчен екран на допир, оптимизиран софтвер и хардвер во духот на Apple и одлична задна камера. Во тој ценовен ранг се наоѓаат модели како 4,5 инчниот Galaxy S4 Mini што е телефон од претходната генерација, Sony Xperia V со 4,3 инчен екран и dual-core процесор или HTC Desire 610 со 4,7 инчен екран, инфериорна резолуција и само 8GB простор за складирање.

Нестрпливо очекуваме да ги „фатиме во рака“ останатите Xiaomi уреди и да видиме што друго има да ни понуди компанијата!

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.