x

Facebook суспендираше 273 профили и страници поврзани со руската агенција за лажни вести

Категорија: Занимливости Објавено на 09 Април, 2018 од GSM.mk

Вчера Facebook објави дека се суспендирани 70 профили, 138 страници и 65 Instagram профили кои биле под контрола на Агенцијата за интернет истражувања од Русија.

Оваа вест беше соопштена од главниот офицер за безбедност на Facebook, Алекс Стамос, кој имаше доставено писмена изјава до медиумите. Покрај тоа, Facebook ги отстрани и сите реклами поврзани со овие профили и страници.

„Агенцијата за интернет истражувања (IRA) постојано користела лажни профили за да ги измами и да манипулира со луѓето. Затоа моравме да ја отстраниме секоја трага на оваа организација од нашата социјална мрежа, без разлика дали таа работи со САД, Русија, или било кој“, напиша Стамос.

Според Стамос, за да се пронајдат овие профили и страници биле потребни неколку месеци. Околу 95% од страниците таргетирале луѓе кои зборуваат и разбираат руски јазик, а скоро 1,08 милиони луѓе следеле барем една од страниците. Instagram профилите имале вкупно 493.000 следачи, а податоците кои ги собра Facebook велат дека овие профили потрошиле околу 167.000 американски долари за рекламирање од 2015 година па наваму. Некои од страниците и профилите кои биле под контрола на IRA се RuOpen, Politkach и Spicy Blogger, а Стамос вели дека тие биле отстранети поради поврзаноста со IRA, а не заради содржината која ја објавувале.

Марк Закерберг напиша дека оваа измена била направена за да се отстрани влијанието на страниците и профилите на IRA над луѓето кои живеат на руска територија, а не на оние страници кои можеби имале ефект над изборите во САД или било каде на друго место.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.