x

Galaxy S10 Plus: Уред со уникатни карактеристики кој ќе го обожавате!

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 07 Мај, 2019 од GSM.mk

Деновиве ја имавме честа да го тестираме новиот Galaxy S10 Plus и сите негови уникатни карактеристики. Ова е нашето мислење:

Дизајн

Почнувајќи од дизајнот, Galaxy S10 Plus нуди стаклена конструкција и на задната и на предната страна, заштитена со Gorilla Glass 6. Сето тоа е придружено од алуминиумска рамка. Истовремено, на предната страна се наоѓа голем, 6.4 инчен дисплеј, со резолуција од 1440 x 3040 пиксели, дупка за селфи камерите и 19:9 сооднос. И покрај големиот екран, одличен е за држење во рака и не е преголем. Се на се, има софистициран дизајн и премиум изглед кој ја потврдува неговата цена од 1000+ еур. Исечокот за камерата е забележлив првично, но по неколку дена окото целосно се навикнува на него.

Камери

Кога сме веќе кај камерите, S10 Plus го нуди најдоброто од најдоброто. На задната страна, има не една, не две, туку три камери. Станува збор за два 12 мегапикселни сензори, од кој едниот е широкоаголен, а третата камера е од 16 мегапиксели. 

Широкоаголната камера е прав погодок, може да се слика од блиску или далеку со неа. Стандардната камера е супер, има доста живи (ако на моменти нереални) бои и одлична острина. Зумирањето е мазно и корисно во одредени ситуации со третата камера. Ова веројатно ќе биде нов стандард за сите премиум телефони да доаѓаат со три камери. Меѓу другото, уредот има и две камери на предната страна, нова карактеристика во светот на смартфоните. Станува збор за моќни сензори од 10 и 8 мегапиксели, одлични за селфи фотографии - и индивидуални и групни.

фотографии направени со S10 Plus:

Софтвер

Екстремно брз, благодарение на Exynos 9820 во внатрешноста и една од најдобрите верзии на Андроид. Има две верзии - една со 8GB RAM и 128/512GB меморија, а друга уште помоќна, со дури 12GB RAM и 1TB меморија. Сите додатоци и апликации се одлични и корисни, единствено не ми се допаѓа што позадините во Samsung Store се наплаќаат – мало разочарување. Отворање на апликации е инстантно, побрзо и од кај iPhone Xs Max.

Хардвер

Во однос на хардвер, скенерот на отпечатоци е брз и функционира одлично. Инаку, се наоѓа под дисплејот. Сеуште не е брз како оние со копче, но сепак доволно брзо за секојдневно користење. Истотака, батеријата од 4,100 mAh се покажа одлично, издржувајќи ги неговите моќни перформанси, како и големиот екран.

Финални зборови

Како и секогаш, Samsung дефинитивно не разочара со S10 серијата. Меѓу овие уреди, S10 Plus е најголем и најмоќен - одличен за вистинските смартфон фанови, во потрага по нов смартфон кој ќе понуди прекрасен дизајн, а истовремено и одлични перформанси. Се разбира, сето тоа е придружено со повисока цена која е дефинитивно оправдна со неговите карактеристики.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.