x

Galaxy S9: Дали најдобриот телефон за 2018 година е веќе тука?

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 07 Мај, 2018 од GSM.mk

Деновиве ја имавме честа да го тестираме најновиот смартфон на Samsung - Galaxy S9. Ова се нашите мислења:

Со минатогодишниот Galaxy S8, Samsung претстави промена во дизајнот на смартфоните, која беше прифатена од целиот пазар. Дебелите рамки беа отстранети и заменети со голем дисплеј - значително потребна промена во светот на смартфоните кои почнаа да изгледаат исто. Galaxy S9 го задржува овој изглед, што е и нормално, бидејќи изгледа одлично.

Доколку сте го користеле Galaxy S8, тогаш знаете како изгледа и неговиот следбеник. Но, тоа не значи дека е идентичен или пак лош телефон - S8 доаѓаше со атрактивен изглед, а S9 е неговата подобрена верзија. Рамките над и под дисплејот се уште помали, скенерот за отпечатоци има нова практична локација под камерите на задната страна, а металната и стаклена конструкција се заслужни за неговиот елегантен изглед. 

Како и кај повеќето смартфони на Samsung, дисплејот на S9 веднаш ве привлекува со своите богати бои и фантастичен контраст. Станува збор за 5.8 инчен AMOLED quad-HD+ панел, и иако е речиси непроменет од неговите претходници, сеуште е еден од најдобрите екрани меѓу смартфоните. 

Интересно е што доаѓа со сензори за мерење на отчукувањата на срцето и крвниот притисок. Иако голем број од корисниците можеби ги сметаат овие функции за некорисни или недоверливи, може да бидат од голема корист за луѓе со здравствени проблеми кои ги немаат потребните средства во моментот. 

Една подобреност за која Samsung сака сите да знаат е новата задна камера. 12 мегапикселниот сензор е нов и подобрен, со поголем контраст и поквалитетни слики. Друга нова функција кај камерите, која ја забележавме, е квалитетот на фотографиите при ниска светлина. На предната страна, селфи камерата е непроменета, од 8 мегапиксели. Друга интересна функција, која може да биде од голема забава за децата, па и за повозрасните, а е поврзана со камерите е AR Emoji. Станува збор за аватари на кои може да го додадете вашиот лик и ги повторуваат сите ваши движења. 

Направивме неколку слики како примери:

Останатите подобрувања се под хаубата: работи на Exynos 9810 и 4GB RAM. Перформансите, барем додека ние го користевме, беа одлични: телефонот е брз, со лесно скролање и брзо отварање на апликациите. Играњето на поголеми игри, како Tekken и Final Fantasy XV Pocket Edition не претставуваше проблем. Единствена "просечна" карактеристика е батеријата од 3000mAh.


Како и што беше очекувано, Samsung претстави уште еден одличен смартфон на самиот почеток на годината. Дали е рано да кажеме дека е можеби најдобриот телефон за 2018 година?

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.