x

Galaxy Tab S 8.4: Сериозен конкурент за титулата!

Категорија: Рецензии // Таблети Објавено на 24 Август, 2014 од GSM.mk

Samsung неодамна претстави два нови таблет уреди, кои ги носат називите Galaxy Tab S 8.4 и Galaxy Tab S 10.5. Благодарение на дечките од Ледиком, успеавме да ја добиете верзијата 8.4 на тестирање...

Пред се, целта на Samsung со овој таблет е многу јасна - да се нападне (и порази) популарниот iPad Mini. Затоа, без да должиме многу, да погледнеме дали Galaxy Tab S 8.4 има доволно добри карактеристики за да се најде на самиот врв!

Дизајн

Galaxy Tab S 8.4 во поглед на дизајн ги има украдено најдобрите елементи од популарните Galaxy Note 3 и Galaxy S5. Ова значи дека предниот дел изгледа скоро идентично на популарниот Note 3, додека пак од задната страна добивате перфорирано куќиште кое е поудобно за држење.

Уредот, и покрај својот 8,4 инчен екран, е пријатен за држење со една рака, а е доволно голем за да уживате во читањето на веб-страни или гледање на филмови. Голема заслуга тука игра 8,4 инчниот екран со неверојатна QuadHD резолуција од 2560 x 1440 пиксели, со што знаете дека читањето на веб-страни ќе биде лесно без потребата да ги зумирате истите. 
Вториот адут на екранот е Super AMOLED технологијата, која дава подобри контрасти и бои од обичен LCD екран (како на пример кај iPad Mini). Не можевме да ги споредиме двата таблети директно, но гледањето филмови на Galaxy Tab S 8.4 ни беше подобро отколку гледањето филмови на обичен PC монитор (исто така произведен од Samsung :)).

Перформанси

Уредите на Samsung секогаш биле лидери на ова поле. Во претходниот дел споменавме дека овој таблет ни изгледа како комбинација од Galaxy Note 3 и Galaxy S5, а тоа дефинитивно се гледа и од аспект на хардверот вграден во него. За перформансите ќе се погрижат осум-јадредниот Exynos 5 Octa процесор и 3GB RAM меморија.
Samsung дури и ве охрабрува да користите повеќе апликации оддеднаш со опцијата Multi-Window, така што можете да бидете сигурни дека не постои апликација (или комбинација на апликации) кои можат да се покажат како преголем залак за овој уред.
Целосни спецификации на Galaxy Tab S 8.4

Samsung вградува други интересни опции, како на пример Ultra Power Saving модот, кој дебитираше кај Galaxy S5. Со помош на овој мод, уредот автоматски ги исклучува сите сервиси и апликации кои ја трошат батеријата и можете да издржите до неколку часа со само 10-15% батерија.

Камера

Кога станува збор за таблети, веројатно не треба да очекуваме многу од камерата. За среќа, ова не е случајот со Galaxy Tab S 8.4, кој поседува задна 8 мегапикселна камера со блиц и предна камера со резолуција од 2,1 мегапиксел. Во комбинација со одличниот софтвер на Samsung, сликањето е вистинско задоволство на овој таблет. Тест фотографиите кои ги направивме се со одличен квалитет, но тука ја најдовме и единствената негативност на таблетот...

Негативноста е што, кога сликањето со таблет е забавно, интересно и дава квалитетни фотографии, постои опасност да шетате и сликате со 8 инчен уред и да добивате чудни погледи од сите други околу вас. За жал, Samsung сеуште нема решение за ова. :)

Заклучок

Како што може да забележите, ние сме импресионирани од секој аспект поврзан со Galaxy Tab S 8.4. На крај, останува прашањето дали е подобар од iPad Mini 2?
Од аспект на цена и перформанси, новиот таблет на Samsung дефинитивно го завзема тронот и би бил нашиот избор. Останува да видиме како Apple ќе нападне со новиот iPad Mini 3.
Samsung Galaxy Tab S 8.4 е достапен во Ледиком по цена од 450 евра. Повеќе информации на телефон (02) 2640046 и 072 677 677.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.