x

Gmail добива нов редизајн

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 14 Април, 2018 од GSM.mk

Долго најавуваниот редизајн на Gmail се очекува да пристигне наскоро и со него ќе донесе неколку практични измени кои ќе ви помогнат полесно да ги уредите мејловите кои ги праќате и ви пристигнуваат.

На прв поглед повеќето од измените не делуваат толку драстично, но откако ќе почнете да го користите целиот нивен потенцијал ќе се прашувате како досега сте користеле Gmail без нив.

Ако користите Gmail и Google Calendar, тогаш планирањето на некој настан би требало да е лесно, но може да биде напорно постојано да скокате од едната во другата апликација за да ги усогласите датумите. Сега, Google пронајде решение за овој проблем и тој може да се најде во десктоп верзијата на Gmail.

Google има во план да додаде ново странично подмени во Gmail каде ќе може да имате добар поглед на вашиот Google Calendar. На овој начин, ако добиете мејл со покана за состанок или треба да закажете термин за некого, едноставно ќе треба да погледнете надесно и да видите кога сте слободни. Во подменито исто така може да бидат сместени и други Google апликации, како Keep и Tasks.

Покрај новото подмени, Gmail ќе додаде и неколку опции на десктоп верзијата кои досега беа достапни само на мобилната верзија на апликацијата. Кога ќе пристигне новата верзија, ќе можете да притиснете Snooze на некој мејл и така да го отстраните од вашиот Inbox на одредено време (кое вие самите го одредувате), што е многу корисно во моменти кога ви пристигнуваат многу мејлови и треба да ги одберете приоритетните. Google исто така ќе додаде и опција наречена Smart Replies, која автоматски ќе праќа одговор на испраќачот на мејлот доколку вие не можете да одговорите на него.

Во изјава за Mashable, од Google посочија дека им е потребно уште малку време за усовршување на новите измени, но редизајнот би требало да се појави набрзо.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.