x

Google и Raspberry Pi нудат напредна вештачка интелигенција

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 21 Април, 2018 од GSM.mk

Google Voice Kit е едноставен, таканаречен AIY (Artificial Intelligence Yourself) пакет кој лесно се составува и кој овозможува да се користат услугите на Google преку гласовна команда со помош на компјутерот Raspberry Pi.

Во неговата прва верзија, Google го испорачуваше овој пакет со сите потребни компоненти освен компјутерот Raspberry Pi, кабли и полнач, кои купувачот мораше дополнително да ги набави.

Но, новите верзии на Google Voice и Google Vision пакетите пристигнуваат со целосната потребна опрема, која ги вклучува и Raspberry Pi Zero WH, USB кабли и SD картичка со потребниот софтвер. Поради тоа новите верзии на овие уреди се подготвени за работа веднаш по вадењето на истите од кутијата. Единствено нешто што му преостанува на корисникот е да ги поврзе сите компоненти.


Vision Kit, покрај сите наведени работи, сега доаѓа и со додаток Raspberry Pi Camera V2. Камерата овозможува да се прават проекти кои ќе го препознаваат лицето на корисникот и емоциите на него, а можно е и да се програмира кон препознавање на други објекти како што се животни, луѓе, храна и слично.


Комплетниот список на можности може да се најде на вебсајтот на Google кој е посветен на AIY проектите.

Google подготви и апликација наречена Google AIY Projects преку која ќе можат да се користат овие уреди и на Android платформа, која е достапна на Play Store.

Овие уреди можат да се купат по цена од 49,99 долари за Voice и 89,99 долари за Vision пакетот, кој е поскап поради камерата која влегува во него.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.