x

Hitman 2 доби трејлер и официјална најава

Категорија: Занимливости Објавено на 09 Јуни, 2018 од GSM.mk

Римејкот на познатата видео игра „Hitman“ од 2016 година и официјално добива продолжение, наречено многу едноставно – „Hitman 2“. Со играта доаѓаат неколку новитети кои сигурно го заслужуваат вниманието на љубителите на видео игри.

„Hitman 2“ е продолжение на римејкот на „Hitman“ од 2016 година и не треба да биде помешана со „Hitman 2: Silent Assassin“ од 2002 година.

Компанијата IO Interactive, која ја произведува оваа видео игра, ги „избриша“ сите претходни продолженија и реши да направи римејк со кој одново ќе ја започне франшизата со свежи идеи.


Сосем логично, „Hitman 2“ ја продолжува приказната за ќелавиот убиец Агент 47, кој е во потрага по Клиентот во сенка и има намера да го убие него, како и целата негова придружба. Тоа значи дека новото продолжение носи повеќе локации и мисии во кои треба да бидете тивки, убиствени и брзи во реакциите, но и креативни во начините на убиство на вашите противници.

Уште еден новитет во „Hitman 2“ е тоа што играта овојпат добива и специјален мод за играње, наречен Sniper Assasin Mode, кој ќе ви овозможи да играте онлајн против други играчи, извршувајќи мисии кои бараат од вас да ги елиминирате метите од голема далечина.


Самата информација дека излегува нова игра од овој серијал е голема вест вредна за напоменување, бидејќи лани студиото кое ја произведува играта најави дека постојат големи шанси оваа франшиза да биде целосно укината.

„Hitman 2“ пристигнува на 13 ноември и тоа за компјутери, Xbox One и PlayStation 4.


Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.