x

Huawei MateBook 13 ја раздрма лаптоп индустријата со компактен дизајн и одлични перформанси!

Категорија: Рецензии // Гаџети Објавено на 12 Септември, 2020 од GSM.mk

Кинескиот гигант Huawei за првпат лансира серија на лаптоп уреди под брендот Matebook. Станува збор за четири нови модели, од кои добивме шанса да рецензираме еден од нив...

Како што рековме, станува збор за четири различни модели - Matebook D14 и Matebook D15 се сметаат за модели од среден ценовен опсег, додека Matebook X Pro дефинитивно импресионираше со своите моќни перформанси. Уште еден лаптоп кој дефинитивно го привлече нашето внимание е Matebook 13, кој го добивме за рецензија во GSM Macedonia. 

ДИЗАЈН

Почнувајќи од неговиот изглед, Matebook 13 поседува метална конструкција со квалитетна градба. Со својата тежина од само 1.31кг и дебелина од само 15мм, лаптопот е неверојатно компактен и лесен за носење, истовремено задржувајќи го елегантниот стил. Ова значи дека може да го користите на работа, но и рекреативно за гледање Нетфликс во кревет во “хоризонтална позиција”, гејмање, забава и слично. Моделот кој го добивме беше во Space Gray (сива) нијанса, која дополнително додава на неговиот класичен и премиум изглед.

Цврстата конструкција и модерниот изглед го задржија вниманието на сите во нашата редакција. Од аспект на практичност, тенките рамки на екранот оставаат простор за компактен дизајн и уред што е лесно пренослив со вас во текот на целиот ден. 

ЕКРАН

Како што кажува неговото име, екранот е 13 инчен и има 3:2 сооднос со FullHD резолуција од 2160 x 1440 пиксели. Токму соодносот на екранот од 3:2 е она што го издвојува наспроти повеќето конкурентски Windows лаптопи кои имаат сооднос од 16:9. Во превод - ова значи дека добивате поголем простор во вертикална линија кај Matebook 13, што ја олеснува работата со документи и конзумирањето на онлајн содржини на социјалните мрежи.

Добрите вести продолжуваат понатаму - екранот има одличен баланс на боите и соодветна големина за долготрајно користење, без да ги умори очите. Со оглед на ситуацијата во која се наоѓаме со пандемијата, многумина од нас работат од дома, па користењето на солиден лаптоп кој е наменет за долготрајна употреба е од голема важност.

За оние кои сакаат професионална работа, екранот ви нуди висока прецизност при репродукција на боите, со просечна Delta E од 0.94, како и 90.4% покриеност на sRGB спектарот на бои. 

ПЕРФОРМАНСИ

Моделот кој го добивме за рецензија е опремен со AMD Ryzen 5 3500U процесор, 8GB DDR4 RAM, Vega 8 графички ко-процесор и 512GB NVMe простор за складирање на податоци. Бидејќи ова е прв лаптоп со новите Ryzen мобилни процесори кои го добиваме на рецензија, бевме љубопитни за перформансите кои според иницијалните бенчмаркови ветуваа многу. 

Можеме да потврдиме позитивно искуство со оваа конфигурација при секојдневна работа, односно конзумирање на мултимедијални содржини, работа со Office апликации, но исто така и високи перформанси при работа со програми како Adobe Photoshop, Adobe Ilustrator и дури Adobe After Effects. Рендерирањето особено не остави импресионирани. Веруваме дека причина за ова беше и брзиот SSD диск, кој запишува со околу 900мб во секунда - повеќе од доволно за секој предизвик со кој ќе се соочи при работа со овие програми!

Од аспект на гејминг, наслови како Fortnite и Rocket League работат одлично и на висок сетинг при FullHD резолуција, но сите позахтевни игри би требало да ги играте на пониски сетинзи и таргетирање на понизок фрејмрејт од 30 фрејма/секунда. 

Се разбира, една од најважните карактеристики за секој лаптоп корисник е издржливоста на батеријата. Со Matebook 13 нема да имате никаков проблем, бидејќи лаптопот може без проблем да издржи целосен ден со активно користење за просечниот корисник. Доколку додадеме захтевни програми за графичка обработка, иако работат одлично додека лаптопот функционира на батерија, сепак издржливоста на истата се намалува меѓу 30-40% во нашите тестирања.

Дури и кога батеријата ќе се испразни, лаптопот продолжува со пријатните изненадувања - потребно многу кратко време за повторно полнење, односно под 2 часа од 0 до 100%. Сето тоа е поддржано со Windows 10 Home оперативен систем.

БЕЗБЕДНОСТ

Откако ќе биде отворен, овој лаптоп нуди неколку начини на кој може да се вклучи. Доколку сте загрижени за приватноста, со Matebook 13 може да се чувствувате безбедни. Покрај стандардниот начин на отклучување со лозинка, уредот доаѓа и со скенер за отпечатоци под Home копчето. На овој начин корисниците имаат брз пристап до десктопот со само еден допир, а истовремено имаат загарантирана безбедност дека никој друг освен нив нема да има пристап.

Уште една карактеристика, благодарение на која ја имавме можноста да го тестираме и новиот Huawei P40 Pro е Huawei Share. На кратко, станува збор за опција со која смартфонот брзо и со еден клик може да се конектира со лаптопот. Покрај тоа што овозможува лесно пренесување на документи, фотографии и видеа, преку Huawei Share корисниците може да го користат телефонот преку својот лаптоп.

ЗАКЛУЧОК

  • Веројатно ќе забележите низ самиот текст, но првиот обид на Huawei во светот на лаптопите не остави импресионирани. Се на се, Matebook 13 е одличен лаптоп со компактен дизајн кој може да го користите секаде и за било каква потреба – забава или работа. За неговите перформанси може да зборуваме цел ден, но самиот факт што припаѓа на Huawei брендот дополнително го гарантира неговиот квалитет. Иако првичната публика за која е наменет се помладите генерации кои може да го користат секојдневно, бидејќи е лесно пренослив, може да биде одличен придружник на секого, без разлика на причината за која е потребен и користен.
Matebook 13 е веќе достапен на македонскиот пазар и заинтересираните може да го најдат во продавниците на Setec.mk!

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.