x

Како да ги светнете гаџетите?

Категорија: Совети Објавено на 20 Април, 2017 од GSM.mk

Почетокот на пролетта вообичаено значи и правење генералка низ домот за да се расчистат сите нечистотии што се собрале во текот на зимата. Не е лошо во тој потфат да се вклучат и гаџетите и електронските уреди што секојдневно ги користиме...

Истражувањата покажуваат дека на гаџетите се наоѓаат многу бактерии, меѓу кои се и оние што се вообичаени за тоалетите. Прочитајте како може да ги исчистите електронските уреди, но пред да се фрлите на работа проверете дека тие се исклучени од струја.

Екран

За чистење на компјутерскиот екран, користете некој од готовите специјализирани раствори или пак употребете дестилирана вода и мека крпа. Обичната вода може да остави траги по екранот и повторно ќе изгледа валкано. Пластиката на екранот може да се чисти со стандардно средство што го користите за чистење пластика, но важно е претходно да ја соберете прашината за да не настане хаос. Истото може да се искористи и за тастатурата и глувчето.

Внатрешноста на куќиштето

Веројатно ова е највалканиот дел од компјутерите, во кој може да се собере вистински куп од прашина. Затоа, правосмукалката ви е најдобриот пријател за чистење на овој дел. Надворешната страна може да се чисти со соодветни средства во зависност од материјалот од кои е изработен компјутерот. Додека чистите со правосмукалката внимавајте на осетливите компоненти кои многу лесно може да бидат „голтнати“. Ако сте решени темелно да ја исчистите внатрешноста, следен потег е чистењето со стапчиња за уши, но повторно без користење на вода.

Преносните компјутери

Преносните компјутери се помодерни и стануваат се позатворени. Во случај да сте сопственик на лаптоп со унибоди тело, можете да заборавите на чистење на внатрешноста, бидејќи отворањето значи крај за гаранцијата. Обичните лаптопи имаат доволно големи отвори или пак пристап до внатрешноста за да можете со правосмукалката да соберете барем дел од прашината. Тастатурата и маус-падот може да ги светнете со стапчиња за уши, а екранот може да се исчисти на истиот начин како и оној на десктоп компјутерите.

Таблети и смартфони

Истражувањата покажуваат дека таблет компјутерите и смартфоните имаат повеќе бактерии отколку некои делови во тоалетот. Стапчињата за уши, меката крпа и медицинскиот алкохол растворен во еднаква количина вода, може да бидат многу корисни. Сепак ваквото чистење се однесува на задната страна и екранот ако тој има заштитна фолија. Во случај да нема, подобро е да се купи некој од специјализираните раствори за таа намена за да бидете сигурни дека нема да ги оштетите некои од слоевите на екранот.

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.