x

Како да го полните телефонот за да ви трае подолго батеријата?

Категорија: Совети Објавено на 02 Јуни, 2020 од GSM.mk

Речиси и не можеме да си го замислиме денот без телефонот во рака, без разлика дали е за работа или за бескрајно скролање на социјалните мрежи, слушање музика или гледање филмови или серии.

Смартфоните станаа неразделен елемент на нашето секојдневие, а тоа значи дека многу често им ги трошиме батериите „до последна цртка“. Но, има начин како да го „продолжите“ животот на батеријата.

„Животот на една батерија главно се состои од 500 полни циклуси, односно околу година и пол. Тоа значи дека колку повеќе полни циклуси помине телефонот, толку побрзо ќе треба да го смените“, вели Лиз Хамилтон, директорка на Одделот за корисници и купувачи во компанијата Mobile Clinic што се занимава со сервисирање мобилни телефони.

За да ви трае што е можно подолго батеријата на смартфонот, има препорачан метод на полнење на уредот. Хамилтон открива дека доволно е само делумно да го наполните мобилниот за да го намалите празнењето на батеријата. Идеално е да ја наполните батеријата од 25 до 85%.

„На батеријата најмногу ѝ штети ако ја наполните до крај, односно 100%. Многу луѓе го прават тоа, а не се свесни дека тоа е лошо за нивниот уред“, додава таа.

Исто така треба да внимавате да не дојде батеријата „на нула“. Ако сепак се наполни до 100%, треба што е можно побрзо да го исклучите полначот од струја.

Хамилтон препорачува да ја намалите светлината, да ги исклучите нотификациите и апликациите кои не ги користите, како локација, како и да ја користите опцијата за паметно трошење на енергијата за да го продолжите траењето на батеријата.

Совет плус: не го полнете телефонот со заштитната маска на него, за да не се загрева дополнително, што е лошо за уредот и за батеријата.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.