x

Како најбрзо да го наполните смартфонот?

Категорија: Совети Објавено на 21 Ноември, 2016 од GSM.mk

Сигурно ви се случила ситуација кога мора да одите некаде, а батеријата на вашиот смартфон е речиси празна. Прочитајте ги следните совети за тоа како најдобро и најбрзо да ја наполните батеријата.

Исклучете го телефонот

Дали се сеќавате кога последен пат сте го исклучиле телефонот? Иако звучи како тешко и големо барање, логично е дека смартфонот ќе се наполни побргу ако троши помалку. Во ситуациите кога не сакате да го исклучите целосно, активирањето на опцијата за користење во авион ќе помогне во намалувањето на потрошувачката бидејќи телефонот ќе престане да бара мрежа или Wi-Fi конекција.

Ако ништо од тоа не е возможно, барем немојте да го користите додека се полни. Заклучете го и оставете го да мирува.

Полнете го преку штекерот за струја

Полнењето ќе биде побрзо ако го полните телефонот преку штекерот за струја, отколку ако го полните преку USB приклучоците во компјутерот.

Чувајте го на собна температура

Ако смартфонот се најде во близина на извор на топлина - радијатор или пак во внатрешноста на прегреан автомобил, батеријата ќе работи послабо од вообичаено. Идеално би било телефонот да се полни на собна температура од околу 22 степени Целзиусови, изваден од футролата за дополнително да се намали загревањето.

Забрзајте го полнењето преку USB

Иако полнењето преку USB портовите е побавна опција, за ситуациите кога тоа е единственото решение, постојат неколку начини како да го забрзате. Препорачливо е да не го полните и синхронизирате уредот истовремено, односно да не префрлате или преземате фајлови од него. Исто така, корисно е ако ги исклучите сите останати уреди кои користат USB портови на компјутерот.

Внимавајте да не се активира опцијата за мирување или хибернација на компјутерот бидејќи тоа ќе го прекине полнењето.

Одржување на батеријата во добра состојба

Ако е возможно оставајте го смартфонот да се наполни целосно пред да го извадите од полначот и немојте да правите чести и прекинати интервали на полнење. Исто така за подобро функционирање на литиумската батерија, барем еднаш месечно наполнете ја и испразнете ја до крај.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.