x

Ќе купувате нов телефон? Обрнете внимание на овие работи

Категорија: Совети Објавено на 07 Ноември, 2020 од GSM.mk

Дали сакате да купите нов телефон, но не знаете на што треба да обрнете најмногу внимание? Имаме неколку основни совети за вас.

Цена

Првата и најважна работа е, се разбира, цената. Иако сите знаеме отприлика колку пари сме подготвени да одвоиме за нов уред, не би било лошо да разгледате што точно можете да најдете за таа сума. Општо, телефоните се „групираат“ во три категории: Нискобуџетни (до околу 300 евра), средна класа (од 300 до околу 700 евра) и флегшип (од околу 700 евра па нагоре). Овие, се разбира, се само груби одредби и нема јасна граница.

Исто така, да не забораваме дека и тука важи правилото „колку пари, толку музика“, без разлика дали тоа некому му се допаѓа или не. Она на што треба да се фокусирате е колку навистина ви се потребни тие „скапи“ карактеристики и функции.

Големина на екран

Големините на екранот честопати се поврзуваат со квалитет и луксуз, но тоа не е секогаш така. Ако немате намера да го користите телефонот за постојано гледање филмови и серии, можеби подобар избор е оној со помал екран. Плус, ќе ви биде полесно да ракувате со него и да го ставите во речиси секој џеб (и чанта).

Функции и камери

Мобилните телефони навистина отидоа многу далеку од нивните почетоци, кога ги користевме само за повици и пораки. Еден куп уреди денес доаѓаат со дигитални пенкала, цврсто куќиште, подобрена биометрија и разни одлики кои можеби вам и не ви се најважни. На пример, има телефони со еден куп камери со висока резолуција, но ако не сте голем љубител на фотографирање и снимање, навистина нема потреба да ја плаќате најновата камера која нема да ја користите, нели?

Кога купувате смартфон со Android оперативен систем (или каков било друг телефон), прочитајте сѐ што можете да најдете за моделите за кои сте заинтерсирани и донесете заклучок врз основа на она за што реално ќе го користите телефонот. Има големи шанси дека со ваквиот начин на размислување и ќе заштедите, бидејќи ќе се фокусирате само на она што навистина ви треба.

Перформанси

Запомнете го ова: RAM, CPU (процесор) и простор за складирање на податоци. Прочитајте што значат овие поими, најпросто објаснето:

  • Колку повеќе RAM меморија имате, толку повеќе работи уредот може да прави истовремено.
  • Процесорот е мозокот на вашиот уред. Тој е одговорен за извршување на меморираните инструкции, односно „активира“ сѐ што прави телефонот.
  • Просторот за складирање на податоци е токму она на кое помисливте - слободен простор за видеа, фотографии, пораки, разговори и програми. Голем број Android телефони, за среќа, дозволуваат проширување на меморијата, но проверете за секој случај.

Ажурирање на софтвер

Ажурирањето на оперативниот систем е една од најголемите „болки“ на платформата Android, па неретко корисниците купуваат телефон што добива едно до две ажурирања и тоа е тоа. Некои брендови, како што е Pixel, нудат patch на софверот секогаш кога тоа е можно, но ова е пвеќе исклучок отколку правило.

Ажурирањето на оперативниот систем (и тоа редовно!) е важно за вас првенствено поради безбедноста, но исто така и поради отстранување на багови и поради нови функции што се додаваат или надградуваат.


Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.