x

Кој сe може да ви ги чита пораките на Gmail?

Категорија: Занимливости Објавено на 06 Јули, 2018 од GSM.mk

Голем број компании ги скенираат мејловите на нивните корисници за да ги подобрат производите, но понекогаш и нивните вработени ги читаат пораките, а Google нема ништо против тоа..

Вработените кои работат за стотина компании кои работат со развој на софтвер ги читаат приватните пораки на корисниците на Gmail, пишува Business Insider.

Пред една година Google вети дека ќе престане со скенирање на пораките во приемното сандаче на нивните корисници, но компанијата не направи доволно за да ги заштити корисниците од софтверски програмери од трета страна. Корисниците на Gmail кои се пријавија за „услуги базирани на е-пошта“ како што се „споредба на куповна цена“ и „автоматизирани услуги за планирање на патот“ најчесто се наоѓаат во опасност нивните пораки да бидат прочитани, пишува The Wall Street Journal.

Стотина програмери електронски ги скенираат примените сандачиња на луѓето кои се пријавиле за некоја од тие програми, а во некои случаи вработените навистина ги читаат пораките. Google одби да даде коментар за ова.

Google контролира на кого ќе му даде пристап, но не и што ќе прави таа компанија со податоците

Не е вест тоа дека Google дава пристап до услугите на Gmail на надворешни страни, туку во поголемиот дел од случаите, корисниците сами овозможуваат пристап до нивните податоци за да можат да ги користат услугите и бенефитите. Надворешните апликации и страници мораат да поминат низ процес на проверка, а за да се осигураат, Google склучува прифатлив договор за приватност.

Она што останува нејасно е колку надворешните страни се придржуваат до договорот и дали Google ќе направи сѐ за да се осигура дека тие се придржуваат до него, како и дали корисниците на Gmail се потполно свесни дека поединечни компании можеби ги читаат нивните мејлови.

Микаел Бернер, извршен директор на Edison Software, една од девелоперските компании кои нудат апликации за полесна организација на е-поштата, изјави дека неговите вработени прочитале мејлови од преку сто корисници на Gmail со цел да ги подобрат функциите на нивната апликација. Извршен директор на друга компанија кој сакаше да остане анонимен рече дека неговите вработени ги читаат мејловите на корисниците на Gmail и дека тоа станува „вообичаена пракса“.

Сѐ пишува во условите за користење

Компаниите кои се обратија до The Wall Street Journal потврдија дека можноста за читање на мејлови е наведена во корисничкиот договор и дека се применуваат строги правила во врска со ракувањето со е-поштата.

Интересно е да се напомене дека многу малку работи укажуваат на тоа дека Google работи на било кој начин поразлично од Microsoft или другите врвни компании кои нудат услуги поврзани со е-пошта. Според The Wall Street Journal, не постои нешто во договорите на Microsoft и Yahoo што изрично им забранува на луѓето да читаат туѓи мејлови.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.