x

Мали работи кои ги правите секојдневно можат да го оштетат вашиот телефон

Категорија: Совети Објавено на 06 Ноември, 2018 од GSM.mk

Смартфоните се корисна, но многу ранлива технологија и затоа треба да бидете многу внимателни како ги користите. Доколку правите некоја мала работа која не му годи на вашиот телефон, можете да предизвикате сериозни негативни последици кај него.

Ако не знаете што да направите во случај кога сте „заглавени“, не се повикувајте на „направи сам“ видео од YouTube, бидејќи шансите се многу поголеми дека ќе оштетите нешто отколку дека ќе успеете да го решите проблемот.

Не го оставајте вашиот смартфон на сонце, бидејќи така ризикувате тој да се прегрее. Прегревањето влијае на батеријата, процесорот и останатите чувствителни компоненти, а тоа може да предизвика прекин на работата на телефонот. Но, претпазливоста не смее да престане тука. Веројатно ви се случува понекогаш „на слепо“ да го ставите кабелот за полнење во телефонот, но од денеска мора да почнете да внимавате бидејќи така можете да оштетите некој од електронските контакти и да го скратите животниот век на телефонот.

Ако хардверот е телото на вашиот телефон, софтверот се неговиот мозок и душа. Доколку преземате содржина од непроверени и недоверливи извори, немојте да се изненадите доколку дојде до несакани последици. Вашиот смартфон може да престане да работи. На пример, личните податоци кои ги чувате во него можат да завршат кај хакери или компании кои се подготвени да ги продадат на оној кој ќе одвои најмногу пари за нив.

Прашината и останатото ѓубре од вашите џебови или торби порано или подоцна ќе се најде во вашиот смартфон и ќе му пречи во работата. Ако не знаете како да го исчистите телефонот одвнатре, тогаш консултирајте се со стручно лице или пак однесете го во локалниот сервис за телефони.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.