x

Митови и вистини за батеријата на вашиот смартфон

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 23 Октомври, 2018 од GSM.mk

Просечниот животен век на батерија на телефон е една до две години, а со правилна употреба може да се продолжи нејзината трајност.

Во продолжение, прочитајте што е мит, а што е вистина за полнењето на батеријата на смартфонот.

Не е добро да се користи телефонот додека се полни

Мит. Телефонот може да го користите кога сакате и колку сакате, сѐ додека не користите некој „сомнителен“ полнач. Единствен „проблем“ е што полнењето ќе трае подолго, но тоа е логично, нели?

Полнењето во текот на цела ноќ ја уништува батеријата

Вистина. Ок, делумно. Повеќето смартфони препознаваат кога им е полна батеријата и го прекинуваат полнењето. Сепак, не е добро да ви стои телефонот на полнач цела ноќ и тоа постојано. Батеријата ќе ви трае подолго ако го чувате телефонот на капацитет меѓу 40 и 80%.

Никогаш не го исклучувајте смартфонот

Мит. Иако е технолошки уред, и на телефонот му треба одмор. Ако не морате да бидете достапни цело време, одвреме-навреме исклучете го телефонот. Се препорачува тоа да го правите во текот на една ноќ еднаш неделно.

Подобро е да ја дополнувате бетеријата постојано, отколку секојпат да тргнувате „од нула“

Вистина. Литиум-јонските батерии што ги имаат повеќето современи смартфони подобро се држат кога се наполнети. Ако постојано ги „цедите“ до последна „цртка“ може да станат нестабилни.

Топлината ја уништува батеријата

Вистина. Батериите не трпат високи температури, а литиум-јонските батерии веќе доволно се загреваат со полнењето и работењето на смартфонот. И прекумерното ладно не им одговара, бидејќи во такви услови побрзо се празнат.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.