x

MWC: Му вградија микрочип под кожа додека беше на сцена

Категорија: Занимливости Објавено на 07 Март, 2019 од GSM.mk

Овогодинешното издание на Mobile World Congress (MWC) е вистинска атракција за љубителите на технологијата, а изгледа дека инженерите се имаат надминато себеси кога се во прашање новите достигнувања во технолошката еволуција.

На еден човек, кој беше качен на сцената, му беше вграден чип под кожата, додека другиот кој веќе ја помина оваа процедура демонстрираше како со помош на чипот и смартфон може да се плаќаат сметки.

Едгар Понс, човекот кој во живо и пред публика ја помина операцијата во која му беше вграден радио-фреквентен чип, рече дека го направил тоа за да може лесно да ги отвора вратите од неговата куќа.

„Тоа е одлично, за мене е многу корисно бидејќи имам ‘автоматска’ куќа. Сега можам да отворам врати со само едно копче“, вели Понс.

Во текот на процедурата, физичарот и инженер Алекс Родригез Витело го објаснуваше секој чекор од процедурата.

„Чипот е со големина на едно или две зрна грашок. Обложен е со биокомпатибилни материјали кои организмот нема да ги разложи со тек на време“, рече тој.

За време на презентацијата, човек по име Пау излезе на сцената и демонстрираше како се плаќаат сметки со помош на чипот, со само неколку допири на телефонот. Тој самиот веќе има вградено чип, за кој вели дека му помогнал многу во модерниот свет опседнат со технологија.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.