x

Најчестите Facebook измами и како може да ги избегнете

Категорија: Совети Објавено на 12 Јуни, 2017 од GSM.mk

Со повеќе од милијарда корисници колку што има Facebook денес, социјалната мрежа е навистина примамливо место за разни видови измами, на кои наивните корисници можат да наседнат.

Секој сајт кој собира голем број на посетители е потенцијално збиралиште на измамници и хакери, а Facebook е најдобар пример за тоа. Затоа пред да кликнете на било што добро размислете дали е веродостојно.

Линк од видео со нешто „неверојатно“

Сигурно ви се познати оние линкови кои како спам почнуваат да се појавуваат на вашиот профил, во кои стои некаков клип со наслов од типот „неверојатна снимка од учителка снимена како има секс со ученик“ и нормално воајерството кај луѓето проработува и кликаат на видеото.

Притоа може да ви се случат две ситуации. Апликацијата може да побара прво да го споделите линкот со своите пријатели пред да можете да го видите, а втората опција е да треба да пополните анкета со ваши лични податоци. И во двата случаи ќе ги спамирате вашите пријатели на Facebook. А линкот може да ве одведе и до сомнителна страница преполна со вируси.

Треба ли да ви кажеме дека не смеете да кликнете на овие линкови?

Facebook ќе почне да се наплаќа

На самата почетна страна кога се логирате на Facebook ви пишува дека е бесплатен, но одвреме навреме некој сајт ќе објави вест дека од Facebook „планираат“ да започнат со наплата по што се создава револт од корисниците со најава дека ќе го деактивираат профилот.

Друга работа е онаа глупост која беше актуелна пред некој месец, согласно која корисниците почнаа да му забрануваат на Facebook да ги продава нивните лични податоци преку статус. Да расчистиме две работи, прво со статус не можете да му забраните ништо на Facebook, а второ вашите податоци нема да бидат продавани туку ќе можат да се користат во маркетинг цели.

Кој ви го гледа профилот?

Никогаш не застаруваа оваа финта нели? Иако Facebook не дозволува на никаква апликација да има пристап до вашите податоци за да може некој да види кој и кога му го прегледувал профилот, корисниците си кликаат на линкови кои би требало да им го овозможат тоа што резултира со спам или вируси.

Лажни измени на Facebook

Променете ја бојата на вашиот профил, вратете го изгледот на вашиот стар профил, сè се тоа измами на кои не треба да им верувате. Обично овие измами се реализираат така што од корисникот се бара да копира одреден текст и да пастираат во просторот каде се впишува интернет страна при пребарување, па да кликнат ентер. Но, наместо да добиете дополнителни опции, им овозможувате на хакерите да ви влезат во профилот и плус ги спамирате пријателите.

Слики од болни деца

„Ако ја споделите фотографијава, Facebook ќе донира средства за секој лајк“. Иако може ви се чини дека така ќе му помогне така на некое детенце кое е прикажано на сликата, всушност можете повеќе да направите штета. Често пати на Facebook се вртат слики од дечиња кои веќе се починати и на тој начин само им се нанесува болка на родителите.

Во секој случај ваков вид донации не постојат.

Чудна порака на chat

Сте добиле ли некогаш порака на chat од типот „не можам да поверувам дека си го направил/а тоа“ или „не можам да поверувам дека тоа си ти“, по што добивате линк од некаква фотографија? Линкот всушност ве води до страна каде се наоѓаат вируси и останати малициозни програми, а истата порака ја добиваат и вашите пријатели.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.