x

Најдобрите игри за вашиот нов смартфон

Категорија: Забава Објавено на 01 Јануари, 2019 од GSM.mk

Ако ги искористивте новогодишните попусти и си купивте нов смартфон, време е да го „опремите“ со апликации кои ќе ви го олеснат животот и ќе ви го направат денот позабавен.

Помеѓу денешните препораки се најдоа игри кои се компатибилни со двата оперативни системи – iOS и Android, бидејќи не би сакале да ги фаворизираме корисните на едниот во однос на другиот.

Alto’s Odyssey

Пред вас е огромна и прекрасна пустина, подготвена да биде истражена. Придружете му се на Алто во возењето низ магичните пустински дини и воодушевувачки пејсажи, додека освојувате поени. Ако успеете да играте доволно долго, ќе забележите како нивото преминува од ден во ноќ и обратно, а посебно убав е периодот на зајдисонце. Деталите се она што ја прави оваа игра толку посебна, во што и самите ќе се уверите доколку ја инсталирате. Таа е достапна за iOS и Android.

Super Hexagon

Откажете ја потрагата по „невозможната игра“, бидејќи ние само што ја најдовме. „Super Hexagon“ изгледа одлично и е неверојатно заразна, посебно ако сте фан на игри со кои ги тренирате вашите рефлекси. Иако малку постара од сите останати на оваа листа, „Super Hexagon“ успеа да го издржи тестот на времето и да опстане помеѓу најбараните смартфон игри на пазарот. Напнатата музика соодветствува со напнатоста на нивоата, па затоа бидете предупредени дека не е за оние со слаби нерви. Таа е достапна за iOS и Android.

Score! Match

Спортските игри секогаш си ја наоѓаат публиката, а „Score! Match“ е една од најдобрите игри од таа категорија. Задачата е многу едноставна: да постигнете повеќе голови од противникот во претходно даденото време, а доколку нема победник по регуларното време -  одите на изведување пенали. Прилично едноставно и многу забавно. Големиот број опции и лични нагодувања ќе ви овозможат да го направите вашиот тим посебен и различен од сите останати, а „Score! Match“ набрзо ќе стане еден од вашите омилени моменти во денот. Таа е достапна на iOS и Android.

Odium to the Core

„Odium to the Core“ е игра развиена од македонското студио Dark-1, во која вашата задача е да ја водите малата лебдечка топка низ препреките и замките кои се менуваат во синхронизација со музиката која оди во позадина. Импресивниот избор на музика и визуелно привлечните нивоа се за секоја пофалба, но имајте предвид дека за да ја совладате играта ви е потребно завидно ниво на вештина. Бидејќи сѐ уште не е достапна на Play Store, „Odium to the Core“ можете да ја симнете од нејзината официјална веб-страна.

360 Trivia

Преку „360 Trivia“ не само што ќе го тестирате, туку и ќе го збогатите вашето знаење на многу теми: спорт, филм, литература, историја, географија, општо знаење и многу други. Секоја партија се состои од 10 прашања за кои добивате 60 секунди за да ги одговорите. Со три погрешно одговорени прашања ја губите партијата и мора да почнете одново. „360 Trivia“ е погодна за било кое време од денот, а посебно ја препорачуваме ако често патувате со автобус или такси од дома до работа или училиште. Таа е достапна на iOS и Android.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.