x

Новиот Huawei P30 ќе има отвор за слушалки и тројна задна камера

Категорија: Новости // Телефони Објавено на 09 Јануари, 2019 од GSM.mk

Доколку можеме да им веруваме на фотографиите кои „протекоа“ низ социјалните мрежи, новиот смартфон на Huawei ќе пристигне во вообичаените бои на компанијата и притоа ќе има отвор за слушалки.

Во моментов, Huawei е вториот најголем производител на смартфони во светот, а на патот до врвот успеа да привлече купувачи преку технологијата која ја нуди по прифатливи цени.

Фотографиите кои се појавија на социјалните мрежи покажуваат дека Huawei P30, кој би требало набрзо да се појави на пазарот, ќе има 3,5-милиметарски отвор за слушалки, што на некој начин претставува чекор назад во еволуцијата на телефоните, но сепак е новитет на пазарот бидејќи повеќето производители го исфрлија тој дел од нивните модели.

Во текот на изминатите две години Apple и неколку други компании полека почнаа да ги исфрлаат отворите за слушалки од нивните уреди за да ги направат уште поотпорни на вода. Барем тоа беше објаснувањето на производителите. Но, веројатно вистинската идеја зад ваквиот потег е да се поттикне продажба на безжични слушалки, кои се значително поскапи од обичните. Моделот P20 немаше отвор за слушалки, но неговиот наследник веројатно ќе има и тој ќе биде позициониран лево од USB-C отворот за полнење.

Huawei P30 ќе има 6-инчен екран, селфи камера од 24 мегапиксели, „notch“ на екранот и тројна камера на задниот дел со 38 мегапиксели и петкратен оптички зум, но нема да има сензори за отпечаток од прст. Тој веројатно ќе биде достапен во верзии од 128GB и 256GB внатрешна меморија.

Според очекувањата, Huawei P30 би требало да се појави на пазарот веќе од март оваа година.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.