x

Приватност на работно место: Дали да го додадете шефот на Фејсбук?

Категорија: Занимливости Објавено на 22 Мај, 2018 од GSM.mk

Многу вработени се во дилема дали работодавецот има право да им ги контролира мејловите на вработените, да им ги снима телефонските разговори, да бара увид во профилите на социјалните мрежи... одговорот не е едноставно „да“ или „не“.

Работодавецот нема право да ви ја бара лозинката за приватен профил на социјалните мрежи, ниту да има увид во профилите на своите вработени на Facebook или Instagram, на пример. Не се смета ни за коректно ако работодавецот или шефот ви прати покана за пријателство, бидејќи тоа може да се доживее како нарушување на приватноста и може да се почувствувате обврзани да ја прифатите поканата бидејќи ви е шеф, велат правни експерти.

Меѓутоа, предупредуваат тие, ако профилите ви се јавни, вашиот работодавец може да се служи со нив како и секој друг. Така, на пример, ако сте зеле боледување, а објавите фотка како лежите на плажа, тоа не значи дека шефот има основа да ве отпушти, но има основа да спроведе истрага за лажно боледување.

Работодавецот има право да ги снима телефонските разговори на вработените, само ако во описот на нивното работно место спаѓа комуникација со странки, особено ако вработените работат во кол-центар или техничка поддршка.


Експертите потсетуваат дека работодавците се сопственици на вашите службени телефони и имаат право да побараат листа на повици од тие уреди, но немаат право да вршат обработка на податоци, односно проверка кому припаѓаат броевите кои сте ги барале.

Преписките преку службениот мејл ѝ припаѓаат на компанијата, а според прописите тоа мора да се чува како работна документација. Вработените мора да имаат на ум дека со бришење на некој мејл не се заштитени од очите на работодавците.

Работодавецот може да забрани употреба на службени средства за комуникација за приватни потреби, но нема право да им забрани приватна комуникација на вработените „во адекватна количина“, од работното место, бидејќи секој човек е приватно лице и кога е на работа.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.