x

Продолжува падот на пазарот за персонални компјутери

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 18 Април, 2018 од GSM.mk

Според новиот извештај на Gartner, 61,7 милиони персонални компјутери биле испорачани на светскиот пазар во првиот квартал од годината. Оваа категорија ги вклучува десктоп-компјутерите, лаптопи и Windows-базирани модели во стилот на Microsoft Surface.

За 14-ти квартал по ред, продажбите опаѓаат, откако за периодот јануари-март 2018 година падот е 1,4 отсто во однос на првото тромесечје 2017 година.

Продажбата во азиско-пацифичкиот регион и САД опадна за 3,9 и 2,9 отсто, соодветно, додека другите региони забележаа благ пораст, но ова не беше доволно за да се компензира негативната динамика како целина. Главен фактор е пазарот во Кина, каде што има пад од 5,7 отсто.

Глобалниот пазар на персонални компјутери го предводат HP, Lenovo и Dell, кои заедно сочинуваат 57 отсто од продажбите, во споредба со 54,5 отсто пред една година. Dell е најбрзо растечка компанија, со раст од 6,5 отсто, а нејзиниот пазарен удел се зголеми од 14,8 на 16 отсто за една година.

Лидерот HP продал 12,86 милиони персонални компјутери, со што го подобри својот резултат за 2,8 отсто. Уделот на американската компанија се зголеми од 20 на 20,8 отсто. Во регионот на EMEA (Европа, Блискиот Исток и Африка), HP постигна двоцифрен раст во сегментите за десктоп и лаптоп компјутери, додека во другите региони забележува мал пад.

Бизнисот на Lenovo останува речиси непроменет. Кинескиот производител продаде 12,35 милиони компјутери за трите месеци, во споредба со 12,31 милиони претходната година, што претставува раст од 0,3%. Уделот на Lenovo се зголеми од 19,7 на 20 отсто. Компанијата забележа двоцифрен раст во Латинска Америка, раст од 6 отсто во ЕМЕА и пад од 4 во Азија, што го лиши од значителен прогрес како целина.

Бизнисот на Dell расте со над 10 отсто речиси насекаде, со исклучок на Азија-Пацифик регионот. Производителот од Тексас доставил 9,88 милиони персонални компјутери во тромесечјето, во однос на 9,3 милиони година порано. Успехот на компанијата е условен најмногу од нејзините силни позиции во бизнис сегментот.

Во топ 5 на водечките производители во светот спаѓаат уште Apple и Asus со продажба од 4,2, односно 3,9 милиони единици и пазарни удели од 6,9 и 6,3 отсто, покажуваат податоците на Gartner за периодот јануари-март 2018 година.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.