x

Рецензија: Galaxy Note 9 е најдобриот телефон на Samsung во секоја смисла на зборот!

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 29 Октомври, 2018 од GSM.mk

По неколку дена тестирање, заклучивме дека нема друг уред на пазарот како Note 9 - доаѓа со огромен екран, неверојатно висока цена и речиси секоја моќна карактеристика во внатрешноста. Пред да потрошите голема сума пари, еве се што треба да знаете за него:

Доколку ве привлече Note 9 и решите да потрошите голема сума на пари на него, убаво би било да знаете кои се неговите предности и слабости. За да ви ги скратиме маките, читајќи долги и досадни рецензии, деновиве ја имавме честа да го тестираме новиот уред на Samsung, и да ги споделиме нашите импресии:

Што е ново?

  • S Pen пенкало со Bluetooth конекција кое може да се користи како управувач
  • Голема батерија
  • Al камери

Предности:

  • Батеријата трае цел ден
  • Голем дисплеј
  • Уникатно S Pen пенкало

Негативно:

  • Непроменет дизајн
  • Не нуди значителни новитети во однос на Note 8

Дизајн

Во однос на дизајнот, прво нешто што ќе забележите е дека станува збор за неверојатно голем уред, со уште поголем екран, кој е пред се одличен за работа, но и за забава - гледање видеа, гејмање, читање големи текстови и слично. Не доаѓа со којзнае какви промени спрема неговиот претходник, Note 8, што и не е толку лоша работа. На предната страна се наоѓа големиот, 6.4 инчен Super AMOLED дисплеј, со резолуција од 1440 x 2960 пиксели и 18.5:9 сооднос. На среќа на голем дел од корисниците, има "традиционален" дизајн на дисплејот, наместо познатиот и се попопуларниот iPhone X дизајн. Преминувајќи на задната страна, повторно е присутна стаклената конструкција, која го прави навистина елегантен, и покрај тоа што е голем. Единствена негативност, исто како со неговиот претходник, е што отпечатоците од прсти веднаш се забележуваат. Од друга страна, токму стаклото овозможува безжично полнење. Можеби најголемата, и најдобрата промена е што скенерот за отпечатоци сега се наоѓа под камерите, наместо веднаш до нив. Како што веќе знаете, Note 9 е достапен во четири бои, а ние ја имавме честа да ја тестираме, според нас, најубавата од нив - сина конструкција со жолто пенкало. 


Камери

Задржувајќи се на камерите, станува збор за две камери од 12 мегапиксели на задната страна и селфи камера од 8 мегапиксели. Како и секоја година, и покрај големата конкуренција и одличните сензори со кои доаѓаат уреди како Google Pixel и iPhone, Samsung сепак некако успева да претстави моќни камери со квалитетни фотографии. Доколку не сте фотограф, или не сте заинтересирани многу детално во фотографирањето, големи разлики во однос на дневните фотографии и нема да забележите. Но, при ниска светлина, или при т.н ноќни фотографии, разликата е многу позабележлива.

Note 9 (лево) vs iPhone 7 Plus (десно)

Селфи фотографиите се стандардно добри, а еден од поинтересните додатоци се AR емотиконите, кои дефинитивно ќе одземат голем дел од вашето време и се одлична забава. Сензорите добро ги погодуваат карактеристиките на лицето, со еден исклучок, што треба сами да одберете пол, боја и форма на коса и, нормално, облека. 

Еве дел од забавата :)


фотографии направени со задните камери

Перформанси

На кратко, во внатрешноста на Note 9 се наоѓа Exynos 9810, придружен од две верзии - 6/8GB RAM и 128/512GB меморија. Иако Note 9 не е првиот уред претставен со вакви спецификации, сеуште станува збор за една од најдобрите конфигурации кои може да ги најдете на пазарот. Како и кај сите Samsung смартфони, перформансите се брзи, отклучувањето на уредот е за помалку од секунда, а апликациите се вклучуваат веднаш. Сите моќни спецификации кои ги нуди Note 9, се достапни благодарение на батеријата од 4000mAh, која се покажа одлично, и при издржливоста и при полнењето. 

S Pen пенкало

S Pen пенкалото е можеби делот од Note 9 кој доаѓа со најголеми промени. Најпрво, за разлика од минатите модели, доаѓа со Bluetooth конекција и може да го користите како управувач. Меѓу другото, доколку сакате да направите селфи фотографија од повеќе луѓе, пенкалото е од голема помош, бидејќи со еден клик на него може да ја направите фотографијата, додека друг го држи самиот уред. За целосна листа на функциите кои ги нуди, кликнете тука.


Се на се, Galaxy Note 9 е уред кој вреди за својата (висока) цена, бидејќи нуди моќни спецификации, прекрасен дизајн и уникатни карактеристики. Од друга страна, доколку сте веќе сопственик на Note 8, или било кој друг понов Galaxy уред, Note 9 не доаѓа со значителни подобрувања кои би ве натерале да преминете на нов модел. Како и да е, големиот екран, забавата со S Pen пенкалото, квалитетните фотографии и брзите перформанси дефинитивно би ве натерале да потрошите мало богатсво на овој смартфон и да станете Galaxy фан, се разбира доколку веќе не сте.  

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.