x

Рецензија: iPhone 6, перфектниот спој на дизајн и перформанси!

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 25 Септември, 2014 од GSM.mk

Несомнено iPhone 6 е најпопуларниот телефон на светот во моментот. За многумина, телефонот претставува врв во мобилната технологија и најдоброто нешто кое можете да го најдете на пазарот. Да ја тестираме оваа теорија...

Пред се, мора да им се заблагодариме на дечките од Ледиком, кои први го донесоа во нашата земја и ни дадоа пристап да го тестираме овој модел. Уште на прв поглед, знаевме дека се соочуваме со нешто посебно, нешто што мора да го видите во живо за да го доловите она чуство на магија кое знае да го предизвика уред од Apple...

Време е да започнеме!

Дизајн и екран

Најголемата новина наспроти претходниот модел се наоѓа токму во дизајнот. За разлика од iPhone 5s, сега имаме заоблен дизајн и значително поголем уред. Првично бевме загрижени, но Apple очигледно добро си ја знае работата. Копчето за вклучување на телефонот сега е на десната страна, потребна промена за полесна работа со уредот.

Куќиштето, стандардно, е изработено од алуминиум и сеуште е најдоброто на пазарот. Ве советуваме да го погледнете телефонот во живо, бидејќи сосема е друго чуството кое го добивате додека го гледате на слики и кога го држите во вашите раце!

Според нас, дизајнот е сеуште еден од најдобрите на пазарот и ретко кој друг модел може да стои рамо до рамо со iPhone 6.

Екранот овојпат е значително поголем, со дијагонала од 4,7 инчи. Apple ја задржа форматот на екранот од претходниот модел, така што веднаш ќе се навикнете и ќе можете лесно да го користите. Дополнителниот простор навистина прави разлика, особено при работа на документи, сурфање на веб-страни и гледање на видеа.

Резолуцијата од 1334 x 750 пиксели можеби звучи загрижувачки во времиња на FullHD и QuadHD резолуции, но Apple надокнадува со одлични контрасти и бои. Навистина, екранот не е остар како на пример оној на LG G3 или Galaxy Note 4, но при нормално користење тоа воопшто нема да ви направи разлика.

Аспектите кои се важни, како на пример видливоста под различни агли и под силно сонце, се земени во предвид и телефонот одлично се снаоѓа во вакви услови, додека пак репродукцијата на бои е чиста и балансирана.

iOS 8 и перформанси

Доколку ги гледаме само спецификациите, тогаш iPhone 6 не изгледа како уред кој може да се натпреварува со најдобрите Android телефони на пазарот - A8 dual-core процесор кој работи на 1,4GHz и 1GB RAM меморија...

Сепак, iOS 8 е толку оптимизиран што телефонот е спремен за секоја задача и секоја апликација. Новата графичка со 4 јадра може да ги „изеде“ живи сите апликации кои ќе и се најдат на патот, а новите функции на оперативниот систем (на пример, landscape модот) придонесуваат за подобрено корисничко искуство и уште поголемо уживање во телефонот.

Целосни спецификации на iPhone 6

iOS 8 нуди значителни промени, како на пример додавање на алтернативни тестатури и новата Health апликација, кои навистина се корисни. Сеуште ја немате слободата која ви ја нуди Android, но затоа сите функции, сите апликации и опции се перфектно оптимизирани за вашиот нов телефон.

Камера

Камерата на досегашните iPhone-и е одлична, а традицијата продолжува и со новиот iPhone 6. Повторно добиваме одличен двотонски блиц, подобрен сензор кој фаќа повеќе светлина (до 30% повеќе споредено со конкурентите), што доведува до квалитетни фотографии при денски и ноќни услови.

Она што можеме да го забележиме кај камерата е што слика како вашето око, односно ги доловува боите што ги гледате во живо. Дополнително, сега имате различни мануелни подесувања кои ќе ви помогнат да ја направите перфектната слика.

Негативност кај камерата е недостатокот на оптичка стабилизација, која ја има кај поголемиот iPhone 6 Plus и нестрпливо очекуваме да ја тестираме. Дополнителна негативност е што камерата е испакната од куќиштето, но овој проблем не е сериозен заради две причини

  1. Леќата е изработена од сафир, што значи дека не постои никаква шанса да ја изгребете
  2. Голема е веројатноста дека ќе го заштитите телефонот со футрола, така што задниот дел ќе се израмни

Заклучок

iPhone 6 претставува телефон за кој не се чита на интернет (иронично, нели? :)), туку се искусува во живо. Ова е телефон кој ќе ве освои уште на првиот поглед и ќе заборавите на сите теоретски негативности...бидејќи ќе уживате во перфектниот спој на дизајн, перформанси и ненадминливо корисничко искуство кое ви се нуди.

Со iPhone 6 можете да се запознаете во Ледиком, а неговата цена е 38,900 денари. Ве советуваме да побрзате, бидејќи количините им се ограничени, а побарувачката е огромна!

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.