x

Рецензија: iPhone 6 Plus, чудовиште кое ќе ве импресионира!

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 10 Февруари, 2015 од GSM.mk

Новиот iPhone 6 претставува еден од најпосакуваните телефони во светот. Сепак, постои и еден модел кој уште потешко се наоѓа и е уште повеќе посакуван од корисниците...време е да се запознаеме со чудовиштето наречено iPhone 6 Plus!

Веќе подолго време Apple им одолеваше на критиките и сугестиите за iPhone со поголем екран. Оваа година, компанијата промовираше не еден, туку два нови модели со огромен скок во екраните - 4,7 инчниот iPhone 6 и 5,5 инчниот iPhone 6 Plus. 

Ние веќе направивме рецензија за iPhone 6, но, разликата помеѓу овие два модели не е само во екранот...да започнеме!

Дизајн

Во нашата рецензија за iPhone 6, бевме импресионирани од новиот дизајн кој ги краси двата модели. Импресиите остануваат со iPhone 6 Plus, кој е изработен од алуминиумско куќиште и доаѓа во три различни бои. Лично, најголема импресија ни остави моделот со златна боја, но сите три модели веднаш го привлекуваат вашето внимание и имате чуство дека држите премиум уред. Замерка тука претставува „нежноста“ на уредот, односно куќиштето лесно е подложно на мали гребаници - сепак, имате избор на доста интересни и тенки футроли кои нема да го уништат неговиот изглед.

Бевме загрижени и за големината - 5,5 инчен екран не е воопшто малку, па iPhone 6 Plus влегува во phablet (телефон + таблет) класата на уреди. Навистина, телефонот не можете да го ставите во џеб како помалиот модел, но затоа Apple има создадено посебен мод за работа со една рака.

Оваа жртва вреди да се направи за одличниот екран. Со големина од 5,5 инчи и FullHD резолуција, како и IPS технологијата и реалните бои и контрасти, ова е еден од најдобрите екрани кај мобилните уреди. Читањето на веб-страни е лесно и јасно, а гледањето на филмови или YouTube е вистинско задоволство!

Дополнително, работењето со една рака е извонредно лесно, модот е тестиран и работи без никакви забелешки.

Перформанси

iPhone 6 Plus е опремен со 64-битен A8 dual-core процесор, надополнет со 1GB RAM и quad-core графички процесор. Овие перформанси можеби нема да ве воодушеват покрај Galaxy Note 4 или Nexus 6, но вистината е дека хардверот и софтверот секогаш работат заедно кај уредите на Apple.

Целосни спецификации на iPhone 6 Plus

Со помош на iOS 8, 64-битната архитектура на A8 чипсетот е целосно искористена, со што добивате одлично корисничко искуство, брзо отворање и затворање на апликации и брзина која не може да ја реплицира ниту најдобриот и најмоќниот Android уред.

Камера

Камерата толку не импресионираше, што моравме да и посветиме посебен дел. Станува збор за 8 мегапикселна iSight камера која, повторно, според бројот на мегапикселите изгледа како да заостанува позади Android конкурентите.

Apple никогаш не се фокусира на мегапикселите, така што камерата кај iPhone 6 Plus има поширока леќа за 30% од конкурентските, што доведува до поголемо фаќање на светлина и пореални бои и контрасти. Надополнето со двоен TrueTone LED блиц и можности за снимање во FullHD, slow-motion и Time-lapse, имаме прав конкурент на дигиталните камери!

Снимањето во slow-motion е навистина интересно, бидејќи леќата успева да снима во 240 фрејмови во секунда (4 пати побрзо од нормално) и потоа видеото се успорува - ефектот е реален и секогаш интересен за гледање.


Тука е и клучната разлика помеѓу iPhone 6 и iPhone 6 Plus - поголемиот модел има оптичка стабилизација на сликата, која е присутна кај професионалните фото-апарати и ќе ви помогне за појасни слики, особено при ноќни услови.

Заклучок

Иако има телефони со слична големина, подобри перформанси на хартија и различни функции, сепак iPhone 6 Plus е класа самиот за себе. Доколку го сакате најдоброто од светот на мобилните телефони и не ви смета телефон што можеби и нема да го собере целосно во вашиот џеб, тогаш изборот нека биде iPhone 6 Plus.

Тестираниот модел е достапен во Ледиком по цена од 44,290 денари со едногодишна гаранција.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.