x

Рецензија: Xperia Z3 Compact, вашиот пријател за летото!

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 20 Февруари, 2015 од GSM.mk

Неодамна имавме шанса да го тестираме Xperia Z3, најдобриот телефон во моментот од јапонскиот гигант Sony. Но, дали знаете дека тој има и помал брат? :)

Дизајн и екран

Денешните компактни телефони полека ја враќаат репутацијата која ја изгубија во текот на минатите години. Модерните паметни уреди се одлични, но дел од нив навистина поседуваат преголеми екрани и се непрактични за користење. Z3 Compact, пред се, поседува одличен OmniBalance дизајн карактеристичен за Sony уреди, кој одлично лежи и изгледа во вашата рака. Заоблените рабови се удобни и телефонот е направен да се користи со една, а не со две раце.

Екранот е со големина од 4,6 инчи и IPS технологија, како и Triluminos технологијата која досега беше ексклузивна за телевизорите на јапонскиот гигант. Резултатот е чисти бои, одлични контрасти и видливост дури и во услови на директна светлина.

Резолуцијата од 1280 x 720 пиксели можеби не е на ниво на поголемиот брат, но е и повеќе од доволна за големината на екранот - воопшто не се грижете дека ќе видите пиксели на него...

Покрај одличниот дизајн, телефонот поседува и IP68 сертификат. Ова значи дека уредот е отпорен на вода до 1 метар длабочина и до 30 минути, но исто така има поголема отпорност на прашина и падови. Со тоа, Z3 Compact е перфектниот гаџет за летните одмори кои полека наближуваат!

Перформанси

Заборавете на деновите кога помалата верзија на телефонот доаѓаше со драстично пониски перформанси - Xperia Z3 Compact го поседува истиот Snapdragon 801 quad-core процесор кој работи на 2,5GHz, надополнет со quad-core Adreno 330 графички процесор како и оригиналниот, поголем модел. Во комбинација со 2GB RAM меморија и Android 4.4 Kitkat, телефонот е подготвен да ја совлада секоја апликација, денес и во иднина.

При нашето тестирање не наидовме на успорувања, а особено ни се допадна интерфејсот на Sony - минималистички, со основни функции и воопшто нема импакт врз самите перформанси.

Уште една интересна опција е Remote Play. Доколку поседува PlayStation 4, имате можност да ги „стримувате“ вашите игри директно до телефонот и да ги играте со оригиналниот гејмпад, опција во која се вљубивме и е дефинитивно добредојдена новост!

Целосни спецификации на Xperia Z3 Compact

Камера

Камерата е уште еден аспект каде што Sony е познат по својата експертиза и долгогодишно искуство. На хартија, камерата изгледа како да е уште една во низата на премиум камери со 20,7 мегапиксели, но Sony има неколку асови во ракавот. Пред се, тука е поголемата Exmor RS леќа, во комбинација со ISO 12800 (прв кај мобилните телефони), со што фотографиите под лошо осветлување се драстично подобрени.

Дополнителна предност е можноста за снимање во 4K, како и имплементацијата на SteadyShot технологијата, која долго време беше ексклузивна за најдобрите видео-камери на јапонскиот гигант. Надополнете го ова со огромен број на апликации и функции и добивате една од најдобрите и најинтересните камери на пазарот, која не можевме да престанеме да ја чепкаме!

Заклучок

Освен помалиот екран, овој модел ги поседува истите карактеристики како својот поголем брат - тоа значи дека добивате одличен пакет на цена, изглед и перформанси. Компактната големина е перфектна за вашиот џеб, перформансите се и повеќе од одлични, а камерата ќе ве натера да заборавите на вашиот дигитален апарат. Xperia Z3 Compact е телефон кој вреди за вашето внимание!

Тестираниот модел е со цена од 23,990 денари во Ледиком со едногодишна гаранција.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.