x

Рецензија: Xperia Z3, телефон што ќе ве освои!

Категорија: Рецензии // Телефони Објавено на 17 Февруари, 2015 од GSM.mk

Телефоните на јапонскиот гигант Sony секогаш имале посебен стил и квалитет кој одскокнува од останатите. Кога држите во рака Sony телефон, добивате чуство на одлична изработка и врвни перформанси. Се прашувате дали е ова случајот и со Xperia Z3?

Дизајн и екран

Xperia Z3 е телефон што го бара вашето внимание уште од првиот контакт со него. За разлика од конкурентските Samsung и LG, Sony преферира коцкаст дизајн со заоблени рабови, кој може да ви изгледа чудно на прв поглед, но дефинитивно е удобен за држење и секојдневна работа со него.

Дополнителен бонус е што телефонот поседува IP68 сертификат - ова ве заштитува од падови до 1 метар, но исто така уредот е водоотпорен до 1 метар длабочина и издржува до 30 минути под вода.

Спецификациите на екранот на прв поглед изгледаат разочарувачки наспроти конкурентите - „само“ 5,2 инчи и „само“ FullHD резолуција. Но, Sony се погрижи екранот да биде опремен со сопствената Triluminos технологија и X-Reality Engine (кои се вградуваат во најскапите телевизори на гигантот), што навистина доаѓа до израз при гледање на филмови или клипови од YouTube. 

Екранот е на ниво со најдобрите на пазарот - односно Galaxy Note 4, iPhone 6 и Nexus 6!

Перформанси

Ако мора да најдеме негативност, тогаш тоа е процесорот на овој телефон. Xperia Z3 е опремен со Snapdragon 801 quad-core процесор кој работи на 2,5GHz, надополнето со quad-core Adreno 330 графички процесор. Останатите понови телефони како Galaxy Note 4 и Nexus 6 го поседуваат помоќниот, Snapdragon 810 процесор, но во пракса тешко дека ќе забележите разлика.

Надополнето со 3GB RAM, сите апликации при нашето тестирање работеа одлично - не постоеше игра или активност која се прикажа како презахтевна за овој уред. Засега телефонот работи на Android 4.4 KitKat, но планирана е надградба на Android 5.0 Lollipop во текот на овој или наредниот месец.

Целосни спецификации на Xperia Z3

Уште една интересна опција е Remote Play. Доколку поседува PlayStation 4, имате можност да ги „стримувате“ вашите игри директно до телефонот и да ги играте со оригиналниот гејмпад, опција во која се вљубивме и е дефинитивно добредојдена новост!

Камера

Камерата е уште еден аспект каде што Sony е познат по својата експертиза и долгогодишно искуство. На хартија, камерата изгледа како да е уште една во низата на премиум камери со 20,7 мегапиксели, но Sony има неколку асови во ракавот. Пред се, тука е поголемата Exmor RS леќа, во комбинација со ISO 12800 (прв кај мобилните телефони), со што фотографиите под лошо осветлување се драстично подобрени.

Дополнителна предност е можноста за снимање во 4K, како и имплементацијата на SteadyShot технологијата, која долго време беше ексклузивна за најдобрите видео-камери на јапонскиот гигант. Надополнете го ова со огромен број на апликации и функции и добивате една од најдобрите и најинтересните камери на пазарот, која не можевме да престанеме да ја чепкаме!

Заклучок

Импресиите се очигледни - ретко дека ќе најдете подобар пакет на цена, изглед и перформанси од Xperia Z3. Доколку сакате телефон кој поседува одлична камера, издржан квалитет и високи перформанси, тогаш Xperia Z3 дефинитивно треба да биде на врвот на вашата шопинг листа.

Тестираниот модел е со цена од 30,790 денари во Ledikom со едногодишна гаранција.

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.