x

Samsung Galaxy Watch: Корисен фитнес додаток за вашиот смартфон со одлични перформанси!

Категорија: Рецензии // Гаџети Објавено на 06 Ноември, 2018 од GSM.mk

По Note 9, деновиве ја имавме честа да тестираме уште еден прилично нов уред на Samsung - Galaxy Watch (2018). Вечното прашање е дали паметен часовник е гаџет во кој вреди да вложите? Еве го нашето мислење:

Во кутијата се наоѓа:

  • Galaxy Watch
  • Дополнително ремче
  • Безжичен полнач
  • Адаптер
  • Упатство

Дизајн

Бидејќи дизајнот на претходните паметни часовници на Samsung се покажа одлично, новиот Galaxy Watch е речиси идентичен на него. Овој пат, доаѓа во две големини и две бои - помала и поголема. Од нив, само помалиот доаѓа во две бои, црна и бакарна, додека поголемиот е достапен само во црна боја. Ние ја тестиравме помалата верзија, од 42mm, во бакарна боја. Станува збор за елегантен часовник, кој поради бојата веројатно ќе фати око на голем дел од девојките, но и на сите останати, токму поради неговата големина која е покомотна за носење. Во однос на издржливост, уредот е водоотпорен - до 50 метри под вода, заштитен од соларна радиација, екстремни температури и слично. И покрај тоа што нуди одлични перформанси, неговиот елегантен изглед е дефинитивно тоа што ќе ве натера да го купите. 

Дисплеј

Дисплејот е 1.3 инчен, со резолуција од 360 x 360 пиксели. Боите се одлични, а текстот е речиси секогаш прикажан во бела боја на црна позадина. Наместо користење на копчињата од страна, одличен начин за навигација меѓу апликациите е со ротирачка рамка. Како друга алтернатива, секогаш може да раководите преку самиот екран на допир. 

Перформанси

Новиот Galaxy Watch работи на оперативниот систем на Samsung, Tizen 4, кој се истакнува во голем дел области, вклучувајќи ја и брзината. Во внатрешноста се наоѓа dual-core Exynos 9110 процесор, кој дефинитивно се покажа како помоќен и поефикасен од оној во постарите модели. 

Најпрво, Galaxy Watch може да го користите за секојдневните работи кои ги нудат и другите паметни часовници - да одговорите на повик, да добиете порака, да го проверите времето и слично. Но, стандрадот за паметните часовници е повисок од ден за ден. Сега, од голема важност е следењето на здравјето и фитнесот. На пример, според Samsung, новите часовници можат да идентификуваат повеќе од 39 различни видови на активности. За жал, не успеавме (а и немавме голема желба..), да ги тестираме баш сите. 


Но, можеме дефинитивно да потврдиме дека во однос на другите мерења и следења на фитнесот и здравјето се покажа прилично точен. Сензорот кој се наоѓа на задната страна беше респонзивен во поголемиот дел од случаите. Единствен "проблем" се појавуваше доколку е валкан, но за среќа самиот часовник ве известува за тоа и веднаш може да го средите. Дел од функциите кои ги нуди, а се покажаа корисни и точни се мерењето на чекори, трошењето калории, отчукувањата на срцето, нивото на стрес и слично. Една од покорисните опции е што часовникот автоматски може да започне да мери доколку забележи активност. 

За овозможување на сите овие активности, батеријата истотака се покажа одлично, со издржливост до три дена. Потоа, за лесно и брзо полнење достапен е безжичниот полнач, на кого му беа потребни околу 2 часа и 30 минути за целосно полнење.

Се на се, Galaxy Watch е одличен додаток за вашиот смартфон, доколку сте во потрага по гаџет со кој лесно ќе може да го следите вашето здравје и фитнес, како и доколку сакате секојдневните активности кои ги вршите преку телефон да ви бидат полесни. Пс. Доколку еднаш го ставите на рака, нема да сакате повеќе да го извадите :). 

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.