x

Се чека одговор од Facebook дали има македонски граѓани во скандалот со Cambridge Analytica

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 14 Април, 2018 од GSM.mk

Ниту еден граѓанин од Република Македонија досега не се обратил до Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП) со преставка или прашање за злоупотреба на лични податоци поврзано со скандалот со Facebook и Cambridge Analytica.

ДЗЛП се обратила до Facebook со официјално барање да добие информации дали лични податоци на граѓани од Македонија се злоупотребени во врска со овој случај. До денеска одговор од Facebook во врска со ова прашање нема.

Генералниот секретар на Дирекцијата Игор Кузевски за МИА изјави дека досега нема граѓани кои се обратиле до нив, а во врска со злоупотреба на лични податоци во скандалот со Facebook и Cambridge Analytica, иако до нив секојдневно пристигнуваат преставки од граѓани поврзани со социјалните мрежи конкретно Facebook, Instagram итн.

„Без разлика дали на граѓаните им се злоупотребени личните податоци или не, прв совет е тие како превенција да направат промена на своите лозинки на своите Facebook профили. Овој скандал може да го врземе со два пристапа, едниот е улогата на државата во сегментот на заштита на лични податоци и вториот, што за мене е поважен, е улогата на самите граѓани во однос на нивната приватност. Тие сами со своето поведение довеле или доведуваат да бидат жртви на сајбер криминал поврзан со социјални мрежи“, потенцира Кузевски.

Исто така, од ДЗЛП потенцираат дека граѓаните треба да ги користат алатките за приватност што ги нуди социјалната мрежа Facebook, но и оти повеќе информации и насоки за користење на социјалните мрежи може да најдат на веб страницата www.deleteme.mk.

Од почетокот на годината до дирекцијата се поднесени вкупно 86 преставки за Facebook, Instagram и YouTube, од кои 48 биле за лажни профили на Facebook или на Instagram, 37 за хакирани, а едно е за лажно видео поставено на YouTube.

Кузевски потенцира дека ДЗЛП, како и повеќето органи за заштита на лични податоци од земјите во Европската унија, со официјален допис се обратила до административниот тим на Facebook со барање на одговор дали и колку граѓани се афектирани директно или индиректно со скандалот со Facebook и Cambridge Analytica.

„Барањето е испратено веднаш по избивањето на скандалот по електронски пат на официјалната е-маил адресата за комуникација која што Дирекцијата ја има воспоставено со административниот тим на Facebook. До овој момент немаме добиено никаков одговор, ниту позитивен, ниту негативен“, рече Кузевски.

Во случај ДЗЛП да не добие одговор од Facebook, генералниот секретар на Дирекцијата вели дека ќе се искористи алатката за меѓусебна комуникација на ниво на ЕУ во која што Македонија е вклучена како земја-кандидат за членство.

„Ќе го изложиме прашањето или проблемот како таков дека не сме добиле одговор во разумно време. Ќе прашаме дали другите земји добиле одговор. На база на искуства ако некаде е добиен одговор, тогаш ќе доставиме уште едно барање. Доколку, пак, ниту една од земјите не добие одговор, во тој случај веројатно ќе се договориме заеднички како земји и како органи за заштита на лични податоци да се обратиме заеднички“, рече Кузевски за МИА.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.