x

Се што знаеме досега за новиот iPhone

Категорија: Новости // Телефони Објавено на 09 Август, 2018 од GSM.mk

Новиот iPhone пристигнува. Се очекува Apple да го открие новиот модел на iPhone наскоро и со тоа комплетно да ја „реновира“ линијата на телефони. Сепак, многу малку се знае за новиот модел а и она што е познато изгледа многу збунувачки.

Ова се сите работи кои ни се познати досега за овогодинешниот модел на iPhone, a се надеваме дека во брзо време листата ќе биде надополнета со повеќе информации.

Нова линија на телефони

Најсложената работа околу овогодинешната линија на телефони од Apple е всушност бројот на телефони кои треба да бидат претставени до крајот на 2018 година. Иако и минатата година Apple претстави три нови телефони, сепак оваа година тоа е организирано на покомплициран начин.

Минатата година Apple претстави три телефони: обичен iPhone, малку поголем iPhone и iPhone кој според големината се наоѓаше некаде на средината помеѓу двата, но имаше футуристички карактеристики и голем број новитети. Оваа година, Apple ќе претстави два слични футуристички телефони, кои ќе бидат на некој начин апдејтувани верзии на iPhone X. Покрај овие два модели, Apple ќе претстави и поевтин модел кој ќе биде малку повеќе традиционален, според барањата на мнозинството на пазарот.

Кога ќе биде премиерата?

Apple стана многу предвидлив кога се во прашање датумите за промоција на нивните нови модели, па така премиерата можеме да ја очекуваме веќе во почетокот на септември, додека официјалното пуштање во продажба на моделите би требало да се случи кон втората половина на месецот. Традиционално тоа се случува околу 20 септември.

Името

До лани именувањето на телефоните беше многу шаблонско и очекувано: доколку телефонот немаше „s“ покрај името, само додавате „s“, а потоа за следниот модел ја зголемувате бројката на моделот за еден број. Но, лани Apple ги фрли сите овие работи во вода кога од iPhone 7 отиде директно на iPhone 8 и го претстави iPhone X , за кого компанијата тврди дека се изговара „ten“ како бројката десет.

Оваа година тие веројатно ќе бидат уште повеќе инвентивни околу имињата на новите модели, па можеби и ќе го прифати трендот кој го воведе со нивните таблети кои едноставно се викаат iPad или iPad Pro. Исто така опција е комплетно да бидат исфрлени сите досегашни комбинации и да биде промовирана некоја нова шема на именување на телефоните.

Дизајн

Новите телефони многу веројатно ќе изгледаат слично како iPhone X, поради тоа што токму овој телефон предизвика голема револуција во начинот на кој модерните смартфони ѝ беа прикажани на публиката.

Apple би можел дополнително да го намали просторот помеѓу екранот и крајот на телефонот, но засега не постои конкретна информација дали тоа ќе се случи. Она што скоро сигурно ќе се случи е враќањето на различните комбинации на бои на iPhone моделите. Многу веројатно е дека новиот iPhone ќе биде достапен во повеќе од две бои, а како „скоро сигурни“ комбинации се најавени сината и портокаловата боја.

Технички можности

Бидејќи Apple одбиваат да понудат информации околу нивните нови модели, многу малку се знае околу техничките можности на новите модели на iPhone. Од она што може да се заклучи од досегашната историја на компанијата, веројатно телефонот ќе добие мали надградби кои ќе го одржат во тек со останатите трендови.

Помеѓу подобрувањата би требало да се најдат нови, побрзи процесори и подобрени леќи на камерата, но не е исклучена ниту можноста за обезбедување простор за две SIM картички во телефонот.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.