x

Шест знаци дека некој има пристап до комуникациите од вашиот мобилен

Категорија: Совети Објавено на 02 Ноември, 2018 од GSM.mk

Не мора да бидете мета на властите или агенти на странски служби - до вашиот паметен телефон може да имаат пристап хакери, поранешни или сегашни партнери, а можеби дури и вашиот работодавач. Ова се шест знаци поради кои треба да се загрижите.

Постојани проблеми со батеријата

Постојаното прегревање на батеријата и нејзиното брзо празнење, не е добро за вашиот телефон. Но, може да биде и знак дека некој неовластено ги слуша вашите разговори или ја чита вашата пишана комуникација. Доколку ова се случува често, проверете кои апликации највеќе ви ја трошат батеријата. Сепак, имајте на ум дека старите батерии природно се трошат побрзо од новите.

Зголемен трансфер на податоци

Одеднаш трошите многу гигабајти на мобилен интернет во споредба со претходно? Доколку некој од вашите блиски не го користи вашиот телефон без ваше знаење и немате друго разумно објаснување, тогаш веројатно е дека сте жртва на софтвер кој ве шпионира.

Несакани огласи и апликации

Запознајте го добро вашиот телефон за да не бидете изненадени кога во него ќе се појави непозната апликација, посебно ако е апликација која работи во позадина.

Доколку не сте ја инсталирале, веројатно станува збор за злонамерен софтвер како на пример Hummer, кој во 2016 година зарази 1,4 милиони Android уреди, а неговите творци заработија 700.000 долари за само 24 часа.

Ваквиот софтвер може да ве „гњави” со несакани реклами.

Проблеми со работата на смартфонот

HummingBad  e тројанец сличен на Hummer, кој успеа да нанесе штета на десетици милиони жртви, а на неговите творци во 2016 година им овозможи да заработат 300.000 долари за еден месец.

Овој тројанец го презема управувањето со вашиот смартфон, а потоа ќе ве затрупа со поп-ап реклами и им праќа информации за вашите активности на кинеските хакери.

Сето ова прави проблеми во работата на вашиот телефон и неговите перформанси.

Чудни пораки

Доколку почнат да ви пристигнуваат чудни смс пораки, кои изгледаат како комбинација на низи од бројки, букви и симболи, не ги игнорирајте. Може да сте станале жртва на софтвер за следење на комуникациите кој не успеал да се инсталира на соодветен начин. Пораките може да се команди кои ги користат хакерите за да управуваат со злонамерните апликации.

Веб страниците изгледаат поинаку

Криминалците често користат лажни верзии на веб дестинациите за да дојдат до вашите податоци, пари или дигиталниот идентитет. Ова може скапо да ве чини. Доколку сте инсталирале злонамерна апликација, таа може да ви прикаже лажна веб страница наместо вистинската и да се следи сè што пишувате.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.