x

Со што ќе го замените Facebook откако ќе го избришете?

Категорија: Занимливости Објавено на 16 Април, 2018 од GSM.mk

По неодамнешниот скандал на Facebook, веројатно размислувате да го деактивирате вашиот профил на оваа социјална мрежа. Но, доколку го направите тоа, со што ќе го замените?

За голем број луѓе решението изгледа лесно: за комуникација наместо Messenger ќе почнат да користат WhatsApp, а сликите ќе ги ставаат на Instagram. Сепак, тоа нема да ве спаси, бидејќи овие компании ги поседува токму Facebook.

Постојат социјални мрежи кои оптимистите ги опишаа како „убијци на Facebook“, како што се Ello и Diaspora. Тие имаат слични опции и можности како Facebook (во теорија можеби и подобри), но ако вашите пријатели и роднини не ги користат овие мрежи, која е поентата да се префрлите таму? Facebook заклучно со март 2018 година има 2,13 милијарди активни корисници, WhatsApp има 1,5 милијарди и Instagram има 800 милиони корисници. Забележувате колку е тешко да се избега од влијанието на Facebook.

Комуникациските алатки се полесни за замена, бидејќи има голем број од нив кои ја вршат истата или слична работа со Facebook Messenger. Апликации како Telegram и Signal можат да бидат многу корисни, бидејќи работат на истиот принцип како Messenger, само што се далеку побезбедни (барем од она што го знаеме за нив).

Една од социјалните мрежи која се очекува да наследи голем дел од корисниците кои се откажуваат од Facebook е Vero. Таа беше лансирана во 2015 година како апликација за споделување на фотографии и видеа со голема доза на приватност. Во првите две години од постоењето немаше особен успех, но последите неколку месеци нагло се покачи бројот на корисници, најмногу благодарение на славните личности кои направија профили на мрежата и ја рекламираа на останатите социјални мрежи.

Од веќе постоечките апликации, се очекува дека Snapchat ќе стане многу популарен кај помладата популација и ќе преземе голем дел од корисниците на Facebook, додека од новите апликации се очекува и Mastodon да профитира од падот на Facebook, иако луѓето гледаат на Mastodon повеќе како замена на Twitter.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.