x

Sony претстави два нови модели на PlayStation 4

Категорија: Технологија // Хардвер Објавено на 09 Септември, 2016 од GSM.mk

Јапонската компанија Sony вчера претстави две нови верзии на PlayStation 4, обидувајќи се да ја зацврсти својата водечка позиција на пазарот на играчки конзоли.

Првиот модел е стандарден PlayStation 4 потенка, полесна и енергетски поефикасна верзија на последната конзола. Истиот ќе биде достапен од 15-ти септември по цена од 299 долари.

Вториот модел за кој се крена поголема фама е PlayStation 4 Pro, кој има посилна графика и скоро двојно побрз процесор, а во продавниците ќе се појави на 10-ти ноември по цена од  399 долари. Новата верзија има поголема резолуција и пореални слики, овозможува 4k резолуција и поголем динамичен распон (HDR).

PlayStation 4 Pro, чиешто кодно име беше „Neo“ ќе ги поддржува очилата на Sony за виртуелна реалност, кои што ќе бидат лансирани во октомври годинава. Очилата PlayStation VR ќе почнат да се продаваат во САД на 13-ти октомври, со 50 наслови на игри располагање до крајот на годинава, објави компанијата.

Повеќето игри за оригиналниот PlayStation 4, кој е продаден во 43 милиони примероци откако беше лансиран во ноември 2013 година, ќе бидат компатибилни со новата Pro верзија, соопштија од Sony. Исто така, сите нови игри што ќе бидат пуштени во иднина, ќе бидат компатибилни со сите PlayStation 4 играчки конзоли.

Продажбата на PlayStation далеку ги надмина продажбите на Xbox на Microsoft и Wii U на Nintendo, меѓутоа и двата конкурента своите конзоли треба да ги претстават следната година, па со овој потег во Sony сакаат да ја задржат предноста во продажбата. Интересно е тоа што Microsoft пред извесно време најави Xbox конзола наречена Project Scorpio, со слични спецификации како новиот PlayStation 4. Новата конзола на Microsoft се очекува да излезе до крајот на следната година но да биде многу помоќна од оваа на Sony.

Во финансиската година, која што трае до 2017 година, јапонската корпорација очекува дека одделот за уреди за играње ќе учествува со 45 отсто во вкупната оперативна добивка. Во Sony очекуваат дека во оваа финансиска година ќе продадат 20 милини конзоли PlayStation 4, во однос на минатогодишните 17,7 милиони примероци.

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.