x

Вештачка интелигенција: Ниту една од овие личности не постои

Категорија: Забава Објавено на 23 Февруари, 2019 од GSM.mk

Напредокот на вештачката интелигенција (AI) е сѐ побрз и пострашен, посебно ако се земе предвид можноста дека оваа технологија може да биде злоупотребена..

Веб-страната е креација на Филип Ванг, софтверски инжинер во Uber, и таа ги користи знаењата од истражувањето на Nvidia, со кои креира бескраен извор на слики со лажни лица.

Алгоритамот кој стои зад страната ThisPersonDoesNotExist е трениран со помош на огромна база на вистински фотографии од луѓе, а користи тип на неврална мрежа наречен Generative Adversarial Network (GAN) за да „печати“ нови примери и лица.

„Секогаш кога ќе стиснете Refresh, невралната мрежа ќе генерира комплетно нова слика. Мислам дека многу луѓе не разбираат колку може да биде добра вештачката интелигенција во полето на синтетизирање на фотографии, знаења и други елементи“, изјави Филип Ванг.

Вештачката интелигенција која ја користи оваа веб-страна оригинално беше измислена од истражувачот Иан Гудфелоу. Верзијата на оваа AI, наречена StyleGAN, неодамна беше поставена во полето на јавен домен кој секој може да го користи, а таа е многу флексибилна и има повеќе од една намена. Конкретно оваа верзија е дизајнирана за да генерира човечки лица, но веќе започнаа тестирања и на други „мети“, како аниме карактери, фонтови и графити.

И тука доаѓаат негативните страни – како што можевме да видиме од користењето на технологии како GAN, се отвора голем ризик за фалсификување на човечкото лице, а најчестите примери за тоа се во порнографијата, каде одредени креатори ги копираат лицата на познатите личности и ги вметнуваат во порнографска содржина, на местото на лицето на порно актерот/актерката. Тие се наречени Deepfakes и борбата против нив тукушто започнува.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.