x

Видеоигра на македонски креатори ќе биде промовирана во МКЦ

Категорија: Занимливости Објавено на 06 Март, 2018 од GSM.mk

Промоција на видеоиграта наменета за светскиот пазар, а на која работел тим Македонци, „Франтикс“ (Frantics) ќе се одржи вo среда (7 март) во Младинскиот културен центар со почеток во 20 часот.

Зад „Frantics“ стои компанијата за видеоигри „NapNok Games“, чие централно седиште е во Копенхаген, Данска, меѓутоа има и свое претставништво во Скопје. На играта околу две години работеле седумдесетина артисти, дизајнери, програмери и тестери, од кои 27 се од Македонија.

„Возбудени сме што конечно можеме да говориме за ‘Frantics’, една од првите игри, којашто е ексклузивна за плејлинк-платформата, којашто подразбира комбинирање паметни телефони, телевизија и PlayStation 4. Фактот дека преку телефон може да се игра на Плејстејшн говори за отворени можности, кои гарантираат забава и ново искуство. ‘Frantics’ е многу социјална игра, којашто открива нови технологии и начини на комуникација“, вели Дајана Димовска, косопственичка на „NapNok Games“.

Станува збор за игра, која преку различни мини-игри им овозможува забава на четири играчи. „Frantics“ е игра наменета за сите, без разлика дали се искусни во видеоигрите, односно не се потребни специфични вештини за да се игра, што ја прави одлична за забава. Направена е во копродукција со „Sony PlayStation “, што подразбира директна соработка со еден од најголемите светски издавачи на видеоигри.

„NapNok Games “ е компанија што постои седум години и досега има добиено бројни награди од областа на видеоигрите. Има свои претставништва во Копенхаген, Париз, Минеаполис и Скопје.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.