x

Во интерес на корисниците: Facebook најави клучен редизајн на мобилната апликација

Категорија: Технологија // Софтвер Објавено на 04 Мај, 2019 од GSM.mk

Компанијата најави дека апликацијата ќе доживее голем редизајн, кој ќе се фокусира на две важни функции кои се најпопуларни помеѓу корисниците.

Основната мобилна апликација на Facebook ќе доживее голем редизајн, во напор на компанијата да се доближи до барањата и преференците на корисниците.

На неодамнешната F8 конференција, Facebook најави бројни измени и новитети кај нивните продукти како Instagram, WhatsApp и Facebook Messenger, но најголеми промени ќе бидат направени кај основната Facebook апликација, која ќе изгледа скоро непрепознатливо. Марк Закерберг нагласи дека дел од новите измени се направени за да се подобри функционалноста на апликациите, но и за да се зголеми приватноста и безбедноста на корисниците.

Facebook Messenger ќе доживее трансформација преку проектот наречен „LightSpeed“, кој ќе ја направи апликацијат помала и побрза, а со тоа ќе се намали и времето за преземање на истата, како и на нејзините апдејти. Покрај другото, таа набрзо ќе стане достапна за десктоп компјутерите за корисниците на Windows и Mac.

Најпопуларната социјална мрежа во моментов, Facebook, ќе добие значителни измени во изгледот и функционалноста. Досегашните сини панели со новиот апдејт ќе бидат обоени во бело, а компанијата ќе се фокусира на групите и настаните кои ги интересираат корисниците, наместо да го усовршува полето News Feed, кое во изминатите години стана далеку помалку атрактивна функција за корисниците.

Исто така, нова алатка на апликацијата ќе биде Facebook Dating, преку која корисникот ќе може да одбере до девет корисници кои ќе ги обележи како Secret Crush. Доколку и тие ја имаат активирано опцијата Facebook Dating, двајцата ќе можат да го користат Facebook како алатка за средби и состаноци.


Instagram и WhatsApp ќе добијат мали, помалку значителни апдејти. Заедничка измена, која ќе се случи кај Instagram, WhatsApp и Facebook Messenger ќе биде енкрипцијата на пораките, со што ќе се зголеми безбедноста и приватноста на она што корисникот го споделува со другите. Како што беше претходно најавено, корисниците на овие три платформи со новиот апдејт ќе можат да разменуваат пораки меѓу себе.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.