x

Заблуди што можат да ви го зезнат компјутерот

Категорија: Совети Објавено на 12 Декември, 2016 од GSM.mk

Почетниците често веруваат во се што ќе прочитаат на интернет и често прават грешки поради кои можат да си го уништат компјутерот, иако имале најдобри намери.

За оние кои сега почнуваат да користат компјутери и интернет се изгледа чудно и непознато, а кога ќе се појави некој проблем не знаат што да направат. Често пати, незнаејќи кликнуваат на нешто што ќе ја направи целата ситуација уште полоша.

Еве неколку едноставни совети кои можат да им помогнат на почетниците, но и на оние кои поретко го користат компјутерот:

Програми за „подобрување“ на компјутерот

Поп-ап рекламите кои тврдат дека компјутерот ви е бавен и дека можат со магично решение да го забрзаат неговото работење, веќе не се толку распространети, но и понатаму постојат. Вообичаено таквите реклами тврдат дека можат да го забрзаат компјутерот, да го исчистат од непотребните документи или да го заштитат од непосакуваните реклами.

Но, вистината е целосно спротивна. Тие програми се направени за да покажуваат дека компјутерот е преполн со непотребни документи, што можат да се исчистат, но конечните резултати се далеку од очекуваните.

Вистината е дека не постои програма која може пет години старата машина да ја забрза на ниво на нов компјутер.

Компјутерот е бавен, мора да е вирус

Луѓето погрешно заклучуваат дека ако компјутерот им е бавен, сигурно има некаков вирус. Но, тоа не мора да биде точно. Точно е дека некои вируси ќе го забават компјутерот, но во повеќето случаи се работи за малвери, спајвери или тројанци. Постојат бројни програми кои ќе го исчистат компјутерот од непосакуваниот штетен софтвер, и кои ќе го одржуваат колку толку чист.

Сепак ако се работи за вирус, проблемот може да се реши со антивирус, а ако тој не е во состојба да ја заврши работата, тогаш мора да побарате помош од некој поискусен или дури од сервисер.

Не може да е вирус, има антивирус

Многу корисници очекуваат дека ако имаат антивирус, тоа значи дека се целосно заштитени од вирусите. Иако во извесна мера тоа е точно, ниту еден антивирус не може да ве заштити од сите „зарази“ ако не го освежувате редовно со нови дефиниции.

Сепак, важно е да знаете дека не е возможно да се идентификуваат и сопрат сите вируси, бидејќи некои од нив не постоеле во моментот кога заштитната програма е инсталирана на компјутерот. Просечниот корисник најчесто ќе „закачи“ вирус ако отвори некоја веб страница со бесплатни програми како игрички, анимирани курсери или скринсејвери.

Најчесто во текот на инсталацијата на некоја од тие програми се јавува и порака дека ќе се инсталира и дополнителна програма во форма на интернет прелистувач или додаток за него. Сепак со едноставното пребарување на Google можно е да проверите дали се работи за легитимна програма или за измама.

Избришав многу работи од компјутерот, но тој и понатаму е бавен

Една од најчестите заблуди што ги имаат корисниците е дека ако ослободат малку простор на хард-дискот, компјутерот ќе ја забрза работата. Мало забрзување може да се постигне ако се избришат некои од програмите кои се стартуваат при вклучувањето и подигнувањето на компјутерот, но ни тоа нема да биде големо подобрување на перформансите.

Во многу случаи за бавноста на компјутерот се одговорни веќе спомнатите вируси, тројанци и останати непосакувани програми, кои се инсталирани на компјутерот.

Ако го форматирате компјутерот и го преинсталирате оперативниот систем, компјутерот ќе може да биде побрз од претходно, но тоа подобрување ќе трае се додека ги инсталирате сите програми што и претходно сте ги користеле. Ако е тоа случајот, тогаш можеби проблемот е во застарениот компјутер и неможноста да се носи со новите програми.

Ќе го подобрам компјутерот со нови компоненти

Новите компоненти како дополнителна меморија или заменувањето на графичката картичка, може до некаде да го подобрат работењето на компјутерот, но само до некаде. Ако додадете меморија или ставите нова графичка, а го оставите стариот процесор, веројатно е дека нема да остварите никакво значајно подобрување.

Секое надградување ќе повлече и нови надградби, и на крајот ќе добиете нов компјутер, кој може да ве чини повеќе отколку да сте купиле вистински нова машина. Исто така, важно е да се знае дека некои компјутери, пред се лаптопи, не е можно многу да се надградуваат.

Ако компјутерот е до тој степен бавен што почнува да ви смета, подобро е да го пензионирате или да го поклоните некаде, а вие да си купите нов модел.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.