x

Закерберг заработи три милијарди долари додека одговараше на прашањата пред Конгресот

Категорија: Технологија // Новости Објавено на 15 Април, 2018 од GSM.mk

Основачот и директорот на компанијата Facebook, Марк Закерберг, оваа седмица беше на дводневно и повеќечасовно испитување пред американскиот Конгрес и во текот на испитувањето заработи дури три милијарди долари.

Закерберг од „дуелот“ со Конгресот излезе како победник, барем така вели „пресудата“ на Wall Street, односно на инвеститорите.

Иако акциите на Facebook паднаа во четвртокот наутро, нивната вредност и понатаму е за три отсто поголема откако Закерберг во вторникот влезе во Capitol Hill, за да одговара на прашањата на сенаторите.

Вредноста на акциите на Facebook порасна за 4,5 отсто од почетокот на тргувањето во вторник наутро.

Инаку, Закерберг поседува повеќе од 401,4 милиони акции во Facebook, а во последните неколку дена стана побогат за три милијарди долари.

Неговото учество во компанијата сега вреди 66 милијарди долари. Според магазинот Forbes, основачот на оваа популарна мрежа е на седмото место на листата од најбогатите луѓе на светот.

Секако, сите останати кои поседуваат акции во Facebook профитираа, бидејќи вкупната вредност од вторник наутро се зголеми за речиси 23 милијарди долари.

Сепак, акциите се и понатаму во пад за 7 отсто оваа година, поради што Facebook е најлош меѓу великаните, кога се во прашање акциите поврзани за технологија.

Акциите паднаа за 16 отсто од најголемата вредност која ја достигнаа пред скандалот со податоците, во кој е вмешана и консултантската компанија Cambridge Analytica.

Од Facebook е соопштено дека скандалот опфатил 87 милиони корисници.

И самиот Закерберг призна дека биле загрозени и неговите лични податоци.

Извор: kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.