x

6 типа на апликации кои најмногу ви ја трошат батеријата

Категорија: Рецензии // Апликации Објавено на 21 Септември, 2022 од GSM.mk

Апликациите се еден од главните виновници за краткото траење на батеријата на паметните телефони.

Производителите на денешните паметни телефони ставаат батерии со голем капацитет во своите уреди за повеќето корисници да можат да го „преживеат“ денот без грижа и за да не мора прерано да посегнуваат по полначот. Сепак, рекламираното траење на батеријата обично се заснова на пресметката на просечниот корисник во просечни услови, така што корисниците со поголема побарувачка ќе имаат драстично различни резултати од она што го ветил производителот.

Исто така, рекламираното траење на батеријата важи за уред кој е нов, а познато е дека батеријата на паметниот телефон со текот на времето го губи капацитетот, што влијае и на самата автономија.

Секако, ова не се единствените причини зошто батеријата може да трае пократко - прочитајте повеќе за тоа овде - но во овој текст ќе се фокусираме исклучиво на тоа кои апликации се на нашите уреди, бидејќи тие се едни од најголемите потрошувачи и често причина за лоша автономија.

1. Апликации за стриминг

Можеби не сте размислувале премногу за тоа, но ако користите апликации како YouTube, Netflix, HBO Max или Disney+, тие би можеле да бидат причината поради која вашата батерија трае кратко. Лесно се губи (осет за) време на овие апликации, особено ако содржината што ја гледаме е интересна. Високата резолуција на екранот и гледањето во добро осветлени средини може да предизвикаат овие апликации едноставно да ви ја „цицаат“ батеријата.

Слично на тоа, ако го користите вашиот пренослив уред за да гледате телевизија преку апликации, не треба да бидете изненадени што прерано посегнувате по полначот.

2. Социјални мрежи

Без разлика дали користите Facebook, Instagram, TikTok, Twitter или сите горенаведени, овие апликации може да ви ја трошат батеријата дури и кога не ги користите. Има многу причини за ова, но освен што апликациите работат во позадина, компаниите сакаат да ги користиме нивните апликации што е можно повеќе, па покрај известувањата кои ни се важни, често добиваме и известувања чија цел е да нè повлечат назад, што ги „буди“ нашите уреди и во голема мера влијае на батеријата на смартфонот.

3. Апликации за пораки

Нашите познаници, пријатели и семејство претпочитаат различни апликации за пораки, па не е чудно да се видат Viber, Messenger, WhatsApp, Telegram, Signal и други апликации со слична функционалност инсталирани на еден уред. Секоја од овие апликации одвреме-навреме проверува дали сме добиле нови пораки за да ни испрати известувања.

Многу слично на социјалните мрежи - комбинацијата на „будење“ на уредот, процеси во заднина и користење на мобилни податоци влијае на автономијата на нашите уреди.

Дополнително, ако користите некоја од овие апликации за видеоповици, имајте на ум дека камерата ја троши батеријата повеќе.

4. Игри

Ако го користите вашиот уред за игри, имајте на ум дека оваа форма на забава е најголем трошач на батеријата. Комбинацијата на „напрегање“ на процесорот и на графичката многу брзо ќе ни ја потроши батеријата, особено ако играме онлајн и во добро осветлени средини.

5. Навигација

Времето на хартиените мапи заврши. Денес, секој користи апликации за навигација како GoogleMaps, HERE WeGo и Waze за да стигне до својата дестинација. Користењето на навигацијата бара внимание, така што екраните на нашите уреди мора да бидат вклучени за да видиме каде треба да одиме. Дури и кога ќе го исклучиме екранот, ако ја избереме опцијата апликацијата да нè води до дестинацијата, телефонот сепак ќе бара сателитски сигнал, што е многу тежок процес за мобилните уреди и брзо ја троши батеријата.

6. Google апликации

Нема сомнеж дека апликациите на Google се многу корисни. Сепак, овој технолошки гигант е најголемата рекламна платформа во светот, а освен популарноста како интернет пребарувач, таа позиција успеа да ја заземе и поради таргетираното рекламирање. Со цел да се знае која е публиката на која треба да ѝ се прикаже реклама, Google зема застрашувачка количина од нашите податоци и ги испраќа до своите сервери. Се разбира, сето ова најчесто се случува во позадина и кога не ги користиме нашите уреди.

Како да го намалите трошењето на батеријата

Апликациите се составен дел од искуството со користење на паметни телефони и невозможно е да ги спречиме да ја трошат батеријата додека ги користиме. Сепак, она што можеме да го направиме е да ги спречиме да ни испраќаат известувања и го „будат“ уредот, како и да работи и да троши податоци во позадина.

Можете да го направите ова со држење на прстот на иконата на саканата апликација и притискање на копчето „i“. Во зависност од производителот на телефонот, можете да ги најдете ставките Notifications, Battery и Data (Mobile Data) и да изберете да не испраќаат известувања, да не работат во заднина или да не користат податоци кога не ги користите.

Се разбира, известувањата за некои апликации се од витално значење за нас, како што се апликациите за пораки, и неопходно е тие да работат непречено. Затоа, проценете сами што ви е најважно и направете баланс.




Извор: Кајгана.мк

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.