x

7 совети за почетници: Како да станете подобар фотограф?

Категорија: Совети Објавено на 22 Мај, 2014 од GSM.mk

Почетоците во фотографијата се секогаш тешки, а купувањето и поседувањето на профи опрема, дефинитивно нема да ве направи подобар фотограф.

Потребно е многу учење за да се напредува, а постојаното фотографирање и учењето од искуството се многу важни. Еве неколку едноставни совети што ќе ви помогнат да ја подобрите сопствената фотографија.

1. Поставете ја сцената

Место штракањето набрзина, застанете малку и наместете ја сцената. Ќе потрошите две три минути повеќе, но тоа може да доведе до одлична фотографија.

2. Фатете ја целата слика

Слично како и со првата точка, немојте да брзате. Разгледајте ја сцената, вратете се чекор наназад и добро опфатете ја сета убавина на она што го гледате.

3. Прекршете ги правилата

Прекршувањето на правилата звучи како клише, но понекогаш е добро да избегнете од правилото на третини. Пробајте фотографирање од поинаков агол и со чуден кадар. Можеби ќе откриете некоја нова и поинтересна перспектива.

4. Фотографирајте луѓе

Цвеќињата, пејзажите и мртвата природа се добра вежба, но фотографирањето луѓе е секогаш поинтересно. Пробајте да направите портрети од луѓето околу вас.

5. Фатете го моментот

Првиот совет од листава е добар, но понекогаш е поважно да го фатите вистинскиот момент. Пробајте да фотографирате луѓе кога тоа не го очекуваат или шетајте со фотоапаратот низ вашиот град и подгответе се за ловење на интересни приказни. Се разбира, тоа не значи дека треба да ги манијачите сите со фотоапаратот залепен на око, под изговорот дека го чекате моментот.

6. Внимавајте на опкружувањето

Дури и кога фотографирате, секогаш со едното око внимавајте што се случува во опкружувањето. Можеби додека се фокусирате на една работа, покрај вас се случува нешто многу поинтересно.

7. Обработете ги фотографиите

Речиси секоја фотографија што се објавува поминала некаква обработка. Спротивно на популарното убедување, обработувањето на фотографиите не значи дека тоа не е вистинска фотографија. Подобрувањето на боите, контрастот, осветленоста и острината е само компензирање за недостатоците на фотоапаратите и нагласување на визуелниот ефект на фотката, а не и сквернавање на суштината на документираната сцена.

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.