x

Android 9 Pie: Сe што треба да знаете за новиот оперативен систем

Категорија: Софтвер // Android Објавено на 08 Август, 2018 од GSM.mk

Новиот оперативен систем на Google ќе биде достапен само за одбрани модели на смартфони за време на тест период. Неговото име е Android Pie, а со него доаѓаат неколку нови корисни и забавни новитети и измени.

Pie ќе ја направи драстична разлика во корисничкото искуство на сопствениците на Android смартфони, не само во однос на дизајнот и шарениот интерфејс, туку и во однос на корисните алатки кои ги нуди оперативниот систем. За среќа, тој останува брз како Android Oreo, барем на моделите на Google Pixel телефоните.

Кога ќе биде достапен?

Android Pie е достапен уште од денеска, но само доколку сте сопственик на некој од моделите на Google Pixel телефоните или пак го поседувате Essential Phone смартфонот. Во тој случај, почекајте ја нотификацијата која ќе ви покаже кога ќе стане достапен новиот апдејт, или пак отидете во Settings > System > Advanced > System Update и притиснете на опцијата Check for Update.

За сите останати смартфони новиот апдејт ќе биде достапен во оној момент кога производителот на телефонот ќе дозволи негова употреба. Сопствениците на OnePlus 6 телефони веројатно ќе го добијат апдејтот нешто порано од останатите, додека корисниците на Samsund, Huawei и останатите ќе мора да почекаат подолго.

Колку чини?

Како и останатите апдејтирани верзии на Android софтверот, Android 9 Pie нема да ве чини ништо. Ако некогаш ви стигнала нотификација дека треба да платите за апдејт на оперативниот систем, тоа значи дека сте жртва на измама.

Навигација на активностите

via GIPHY

Google ја претстави најголемата промена во начинот на кој се управува со опциите и активностите на телефонот со новиот апдејт. Новиот начин на навигација зафаќа исто толку место колку традиционалниот начин на управување со апликациите, но сега Home копчето е во форма на капсула и се движи лево-десно.

Со притискање на копчето се враќате на почетниот екран, повлечете нагоре за да ги видите апликациите кои сте ги користеле неодамна, или пак задржете го копчето надолу за да го активирате Google Assistant. Со влечење надесно ќе ја активирате апликацијата која последна сте ја користеле.

Предлог за ротација

Мала измена, но веројатно најкорисна од сите. Со новиот апдејт, секогаш кога ќе го свртите телефонот ќе ви се појави опција да ја вклучите ротацијата на екранот, дури и ако ја имате исклучено таа опција од Settings менито.

Часовникот е преместен на другата страна

Отсега, наместо во десниот горен агол, часовникот ќе биде преместен во горниот лев агол. Оваа измена доаѓа предизвикана од зголемениот број на телефони со notch на горниот дел од екраните, па следејќи го трендот Android мораше да биде прилагоден за нив.

Adaptive Battery

via GIPHY

Користејќи ја моќта на вештачката интелигенција, Google успеа да произведе софтвер кој подобро ќе ја научи работата на вашиот телефон и така ќе ги предвиди апликациите кои највеќе ги користите, па така преку Adaptive Battery опцијата ќе ви заштеди батерија со тоа што ќе ги исфрли од употреба апликациите кои ви ја трошат батеријата дополнително.

Паметни одговори

Слично како на Gmail, Google ја претстави опцијата Smart Replies и на новата верзија на Android. Преку неа ќе можете да испраќате брзи одговори со помош на текстот кој го предвидува вашиот оперативен систем.

Дигитално здравје

via GIPHY

Во новиот Android 9 Pie е вклучен и софтвер кој ќе го надгледува вашето „дигитално здравје“. Тоа се серија апликации кои служат за анти-смартфон зависноста. Тие ќе ви покажуваат колку време го користите телефонот, ќе ви помогнат да ја намалите употребата и ќе бидат одговорни за вашето здравје.

Извор: Kajgana.com

Преземањето на овој текст или делови од него без непосреден договор со редакцијата на ГСМ Медиа значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.